Откако синоќа заигра на мечот против Арсенал во Премиер, Герет Бери напиша нова историја во англискиот фудбал - тој сега има 633 меча во најдобрата англиска лига, 1 повеќе од Рајан Гигс кој по завршувањето на кариерата беше симбол за долговечност (иако треба да се признае дека легендата на Манестер Јунајтед одиграла 40 меча во Првата дивизија која што била предвесник на Премиер).
Сега со секој следен викенд Герет Бери ќе го руши одново рекордот кој го внесува во бесконечноста. Гигс на пример го памети Герет како јуниор во Астон Вила и неодамна изјави дека Бери комотно може да одигра уште две-три сезони и да стигне до бројката од 700 меча.
Како и со Гигс, бесконечната кариера на Бери почнала од мало место. Тој е дете на фудбалскиот клуб Брајтон каде ги направил првите чекори а на инсистирање на родителите преминал да тренира во Астон Вила.
Бери растел во крајбрежниот Хејстингс во семејство на водоводџија а во детската соба нему му припаѓал само пола кревет затоа што морал да ја дели собата со три браќа и две сестри.
Герет како мал имал понуди од неколку тимови но семејниот совет решиле: Бирмингем, на 150 километри од дома. Но малиот Бери морал да се ослободи од искушението секој викенд да си оди дома: „Живеев во изнајмен стан, во 7 наутро ме собираше минибус и се враќав после пет часот навечер. Ми беше тешко но во глава ми беше мислата дека сум таму поради фудбал“, раскажувал идниот рекордер во најдобриот англиски фудбал.
Успеал. Издржал сам. За награда од мајка му добил албум со слики од сите негови натпревари.
Тековната, актуелна сезона е 26-та во историјата на Премиер лига и дури 21-ва за Герет Бери. Од самиот почеток на кариерата во 1998/99, Герет Бери во просек играл по 33 меча по сезона во Премиер лигата и така било цели 19 години. Рецептот за толку долга кариера е класичен: отсуство на повреди (само една сериозна во 21 сезона), професионализам и грижа за сопственото здравје, многу среќа со клубовите и менаџерите, како и способност своето тело да го прилагоди на промените во лигата.
На тренинг дисциплината на Бери се дивел неговиот соиграч од Евертон Леон Осман. Се чудел како Гарет, шампион во Премиер лига и освојувач на ФА Купот работел на терен, вежбал јога и секогаш прв доаѓал во теретана. Многу анегдоти околу него има и традиционалниот Дејвид О’Лири, поранешниот тренер на Вила кој се сеќава на неколку поврзани со Бери:
1. Помошникот на О’Лири сакал сите играчи, буквално сите до еден на тренинг да носат затегнати хеланки за тренинг. Сите стоеле во недоумица и некако се срамеле. Потоа Бери истапил напред и прашал каква е користа од нив. Кога го слушнал одговорот, без одложување ги облекол а веднаш после него и сите други.
2. Еднаш на Божиќната вечера на Герет го турнал традиционалниот пудинг и почнал да се облекува. Кога сите го погледнале и се зачудиле зошто Бери го одбил десертот, тој им рекол дека мора порано да замине затоа што жена му се пораѓа.
„Јас, играчите и стручниот штаб се гледавме бледо. Немавме појма дека жена му е бремена и сфативме дека сака само да им избега на соиграчите кои ќе продолжат“, се сеќава О’Лири со напомена колку сериозно, тивко и внимателно Бери се концентрирал на фудбалот.
Со таков однос не изненадува што Герет Бери за 21 сезона има сосема малку епизоди на теренот. Еднаш од првиот тим го исфрлил Мартин О’Нил затоа што на новинарите им кажал дека сака да премине во Ливерпул.
Најнепријатен момент во неговата кариера (секако дека е смешно да се обележи неговиот благ старт над Месут Озил на Светското 2010), кога истекла приказната за пијана студентска забава на која не е јасно како се нашле играчи на Манчестер Сити.
Џо Харт, Бери, Адам Џонсон и Шеј Гивен отишле во шкотскиот град Сент Андрус да играат голф и душевно да се одморат после поразот од Арсенал. Близу полноќ залутале во некој локал каде Харт фрлал фунти на музичарите, Џонсон пиел а Бери јадел тост.
„Поминавме долг пат. Беше ветровито и дождливо многу. А кога веќе сме во Сент Андрус, дајте да залиеме“, рекол Бери а настанот стигнал до новинарите.
Манчини бил надвор од кожа од лутина но не можел да ја изгуби довербата во Бери. Во шампионската сезона 2011/2012 Герет одигра 34 меча а Јаја Туре и Давид Силва јавно го прогласија него за играч на годината.
Роналд Куман го нарече некогашниот англиски репрезентативец еден од најдобрите играчи кои ги тренирал во кариерата. Роберто Мартинез за него вели дека е еден од најдобрите англиски фудбалери воопшто и предвидел дека стилот на игра ќе му дозволи на Бери да игра до 40 години. А тренерот на Вест Бромвич каде денес игра Герет, Тони Пулис рекол дека но тимот „им дошол 25-годишен фудбалер“.
ТРЕНЕРИТЕ И УПРАВИТЕ СЕ МЕНУВААТ, ГЕРИ ОСТАНУВА ИСТ
Во Астон Вила, Манчестер Сити, Евертон и денес Вест Бромвич, најголемиот витез во англиската Премиер лига работел со 10 различни тренери и кај секој играл многу стандардно. Низ кариерата му менувале многу позиции - стопер, лев бек, лево крило и на крајот средина на теренот.
„Ја започнав кариерата во ера кога фудбалерите беа поинакви. Сосема поинаква култра. Но играта се смени. На почеток мислев: ’Зошто ми менуваат позиција кога играме одлично’? Но вие не може да одие по еден ист пат, порано или подоцна ќе ве тргнат“, вели главниот јунак на оваа приказна.
Бери сега е на вечната листа на великаните во историјата на лигата - најдобар стрелец е Алан Ширер, најдобар асистент е Рајан Гигс, најдобар голман со најмалку примено голови е Петр Чех. Човек со најмногу средби е Герет Бери.
...Во еден од првите мечеви во Премиер лигата, Џон Грегори, некогашниот менаџер и претседател на Астон Вила за Бери рекол: ’Ова дете изгледа како цел ден да седи дома и да игра плејстејшн’...
Од тогаш до денес се сменија неколку поколенија конзоли и виртуелните фудбалери веќе имаат реални човечки лица со специјални ефекти. А Герет Бери уште не се дава.