Фудбалската критика во Италија не се сомнева во модерноста и убавиот изглед на новиот Сан Сиро, во наслебата Портело во Милано. Сепак, се отвора сомнеж околу капацитетот и јавноста (не)оправдано се прашува дали предвидените 48 илјади седишта ќе бидат доволни ако Милан ги врати славните денови.
Од друга страна, капацитетот се правда со сè помалата продажба на влезници за средбите на Милан, затоа што сезонава црвено-црните продадоа само 19.473 сезонски карти, најмалку во ерата на Берлускони. Ако се знае дека во времето на Карло Анчелоти, кога Милан ја покори Европа и светот, имаше 40 илјади продадени сезонски карти, тогаш како причина за двојно помалата продажба треба да се посочат актуелните резултати на клубот.
Токму тука лежи поентата: Незадоволството кај навивачите расте, а бројката на гледачи опаѓа. Така на пример, во двете години со Ибрахимовиќ во составот, Милан продаде 29.413, па 31.233 сезонски карти. Милан направи бум во сезоната 2011-2012, кога продаде дури 56.827 мини-сезонски карти (комплет, само за средбите од ЛШ).
Најголема заработка од влезници во последните неколку години, имаше во пресрет на дуелот со Ајакс од ЛШ во декември 2013-та. Тогаш на Сан Сиро се регистрирани 61.755 навивачи, од кои 43.858 со комплет карти за сите средби од групата.
Оправданието за слабата продажба не може да се бара во ексклузивните ТВ преноси, затоа што во сезоната 2013-2014 Борусија Дортмунд на пример продаде 80.297 сезонски влезници, Манчестер Јунајтед 75.207, Барселона 72.116, Реал Мадрид 71.558, Баерн Минхен 71.000, Арсенал 60.013, Ајакс 50.007, Селтик 47.079.
На страна на оние кои се противат на помал капацитет од сегашниот стадион оди фактот што Милан има многу навивачи во целата земја и понекогаш одат и по 80.000 навивачи, како против Барселона на 23. ноември 2011. година, кога најскапата карта чинеше 360 евра, а најевтината 25 евра. Милан загуби 2:3 од Меси и другарите, но навивачите не ги жалеа своите пари за таков спектакл.
Останува прашањето каде планираат Барбара Берлускони и Адријано Галијани да сместат уште 40 илјади гледачи, ако Милан заигра како што треба и се врати на врвот.