Жозе Мурињо во не баш пријатен момент во неговата кариера вечерва слави јубилеј од 600 натпревари како предвоник на сите досегашни клубови кои ги водел. Контроверзниот Португалец во 12 годишната кариера до сега беше тренер на вкупно шест клубови.
Неговото деби се случи на 23 септември 2000 година како предводник на Бенфика каде од помошник за само четири недели од стартот на португалскиот шампионат стана прв тренер. На тоа му претходеше и функцијата помошник тренер во тимот на Барселона, кога Луис Ван Гал го водеше каталонскиот тим. По кусата авантура премина во Униао де Леириа, но и таму се задржа само една сезона.
Блескавите моменти за "посебниот" се случија во Порто каде успеа да се прослави со шампионската титула во Купот на УЕФА, а потоа и во Лигата на Шампионите. Во Португалија успеа да освои и две титули во првенството и по еден куп и супер куп. „The Special One" го доби овој прекар на островот кога зачекори во новата ера на Челси предводен од моќниот Роман Абрамович.
Лондонскиот тим за кратко време успеа да го препороди, а главниот град на Англија беше обоен во сино. Мурињо му донесе на Челси две шампионски титули, два пати го освои Лига Купот и по еднаш ФА и Супер Купот.
Тоа што не му успеа во Англија, го стори во Италија како предводник на Интер каде остана две сезони. Освои вкупно пет титули, а сезоната 2009/2010 ќе остане историска за „Нероаѕурите" со тројна круна (Скудето, Куп и Лига на Шампиони).
Според она што го изјави во медиумите желбите и амбициите на Мурињо се секогаш големи. Во секоја земја каде што ќе тренира клуб сака да ја освојува тројната круна, нешто што до сега со Кралскиот тим тешко му оди. Успеа да го освои првенството, Купот и Супер Купот, но во конкуренција на големите европски гиганти успехот со Порто и Челси во најелитниот клупски европски собир со Реал Мадрид до сега не успеа да го повтори.
Оваа сезона се чини Жозе Мурињо ќе сака што побргу да ја заборави барем што се однесува до шпанското првенство. Ваков слаб старт Реал Мадрид последен пат забележал во сезоната 2005/2006. Само за споредба минатата сезона во првиот дел од сезоната, Реал имаше предност пред Барселона од 5 бода, а сега има негатива од 18 бодови пред Каталонците и се наоѓа на третата позиција зад Атлетико Мадрид.
Португалскиот стратег е познат по многубројните контроверни изјави и критики кои ги упати до своите колеги, играчите и медиумите. Интересно е што во неговата кариера само еднаш до сега бил отпуштен, а тоа се случи во Челси.
На 26 јануари Жозе Мурињо ќе одбележи уште еден јубилеј, а тоа е славењето на неговиот 50 роденден. Година која на славниот тренер може да му донесе и нова тренерска авантура.