Голманот со 25 клубови кој не заиграл само на Антарктик

Луц Фаненштил е Германец кој го одбил Баерн Минхен, играл на шест континенти и лежел 101 ден во затвор во Сингапур. Во моментов работи како скаут на бундеслигашот Хофенхајм, а најубаво вели дека му било во Намибија, каде одел со автостоп на гостувања.

За играчите кои настапувале за многу клубови во кариерата често се вели дека не се доволно верни, но многумина од нив не можат да одолеат на предизвикот да запознаат нови култури, традиции и народи. Таков е случајот со најголемиот патник во историјата на фудбалот, Луц Фаненштил.

Голманот е официјално единствениот што играл во сите шест конфедерации на ФИФА. Настапувал за 25 клубови во 13 различни земји.

Фаненштил го покажал својот талент уште како млад кога добил повик да брани за Германија У-17. Две години подоцна, на неговата врата чукнал славниот Баерн Минхен, но Фаненштил го одбил затоа што сакал да биде прв голман каде и да брани.

„За секој голман, клупата за резерви е ноќен кошмар. Никогаш не ми било ни до пари, ни до слава, туку едноставно паралелно со желбата да бидам прв голман во мене се роди и желбата за трансфер во некоја друга земја“, вели Фаненштил за СНН.

Во тој момент секој би го сфатил Луц, ако се решел за некој помал германски клуб, каде би имал загарантирано место меѓу стативите. Сепак, првата чудна одлука Фаненштил ја носи во 1993. година кога го напушта својот клуб ФЦ Бад Коцинг и заминува во Малезија. Таму потпишал договор со малезискиот Пенанг ФА.

Во годините кои следат, Фаненштил ја почнува маршрутата која ќе му донесе голема репутација. Се сели во Англија, каде одбива неколку премиерлигаши и потпишува прво со Вимблдон, а потоа со Нотингем Форест. Од Англија, чекирал карта за Јужна Африка каде играл како позајмен фудбалер во Орландо Пајретс. За само четири години професионален фудбал, Германецот искусил повеќе згоди и незгоди од некои за 20 години.

Следната селидба, голманскиот глобтротер ја имал во Финска, во 1997. година, каде играл за ТПВ и ФЦ Хака, пред да се врати во Бургхаузен во Германија. Сепак, ниту враќањето во татковината не му ја згаснало желбата да патува, така што заминува во Сингапурскиот Гејланг ИФЦ.

Во меѓувреме станува модел на Армани, но се соочува и со обвинение за местење натпревари во Сингапур. Строгите власти во Азија не му простиле ништо и Фаненштил одлежал 101 ден во еден од најстрашните затвори на светот.

„Немате кревет, а нема ниту тоалет, а камоли тоалетна хартија и четка за заби. Спиете на земја во соба со силувачи, убијци, крадци и бандити а до вас има една дупка за нужда. Морам да признаам дека тоа што неправедно бев осуден, ме тераше за првпат во животот да помислам на самоубиство“, раскажува Фаненштил, кој напиша автобиографија.

По излегувањето од затвор, на лудиот голман му требале четири месеци со семејството, да закрепне, да се одмори и да тргне во ново патешествие. Дестинација: Данедин Техникал во Нов Зеланд. И таму немал раат, затоа што најпрвин совладал двајца провалници што му украле драгоцен дрес, а подоцна го обвиниле дека украл пингвин од локалната зоолошка.

Сепак, најтешкиот период за Фаненштил дошол во 2002. година. Се вратил во Англија и бранел за нисколигашот Брадфорд Парк Авенју. На дуелот со Харогејт Таун, Фаненштил при еден дуел со противничкиот фудбалер Клејтон Доналдсон се онесвестил и некое време бил во кома.

„Фактички бев клинички мртов. Мозокот ми работеше, но телото ми беше мртво, мислев дека е толку од мене. После тој настан сфатив колку вреди животот“, вели Германецот.

Будењето од кома го прославил со нов клуб, Хадерсфилд Таун, а подоцна играл уште и за Калгари Мустангс во Канада, Отаго Јунајтед во Нов Зеланд, Влазнија Шкодер во Албанија и Бентонит Иџеван во Ерменија. Најубаво искуство вели дека имал во Намибија, каде играл за Ремблерс. Таму на гостувања се одело со автостоп, а играл уште и во Бразил, Норвешка, Малезија, Белгија, Романија.

The Unstoppable Keeper (Незапирливот голман) се вика автобиографското дело на Луц Фаненштил кое излезе во јуни минатата година. Во 2009. година основал аматерски фудбалски клуб Глобал Јунајтед ФЦ, за кој се регистрирани ѕвезди како Јари Литманен, Кафу, Лотар Матеус, Алваро Рекоба и Зинедин Зидан.

Според него, иако фудбалот го однел во затвор и за малку ќе му го одземел животот, му донел незаборавни искуства, за кои во Холивуд веќе се планира иден филм за Оскар.

Кратката репортажа на СНН за најлудиот голман на сите времиња: