Најтрофејниот шкотски клуб ја шокираше светската фудбалска јавност кога пред две години мораше да прогласи банкрот, а во финансиски крах отиде со долгови од 134 милиони фунти. Иако резултатите на Ренџерс на теренот се беспрекорни, клубот се уште се мачи за да си ја обезбеди иднината.
Првата финансиска инјекција на компанијата The Rangers Football Club Ltd која по процесот на ликвидација стана наследник на клубот се случи во декември 2012 година кога во касата легнаа 22 милиони евра.
Но долговите на клубот постојано растат со по нешто повеќе од милион фунти месечно. Во последните 13 месеци Глазгов загубил 14,4 милиони фунти, а прв кој ја презеде одговорноста беше финансискиот директор кој одлучи да си поднесе оставка.
Како натпреварувач во третата лига клубот не може да смета на големи приходи ниту од тв правата, а ниту од спонзорите, а згора на се има годишни трошоци за плати во износ од 6 милиони фунти што претставува товар за екипа од толку низок ранг.
Раководството се обиде да им ги скрати платите на фудбалерите за 15%, но тие го одбија предлогот кој беше прифатлив само за тренерот Али Макоист кој реши да се лиши од половина плата.
Откако замина во стечај Глазгов Ренџерс почна да се натпреварува од четвртата шкотска лига каде ја освои првата позиција со 24 бода предност пред второпласираниот тим. Доминацијата сега ја демонстрира и во трета лига каде со 22 победи и само едно реми е 23 бода пред вториот тим.
Со оглед на елиминацијата на Селтик во петтото коло од шкотскиот куп, Ренџерс има се поголеми шанси за освојување на овој трофеј за кој наредниот месец ќе се играат четвртфиналните двојки, а тоа е одлична шанса за една нова промоција и враќање на имиџот на најтрофејниот шкотски клуб.
Клубот има освоено 54 шампионски титули што е рекорд за една екипа во светот, а наредната година ќе отиде уште еден чекор напред со пласман во втората лига, но славата и богатата витрина со пехари за сега не им помага во опстанокот.