Најскапиот меч
Средбата меѓу Италија и Република Ирска од третото коло во групната фаза ќе биде најскапиот меч за гледање. Спиење во Лил истиот ден кога се игра овој меч чини околу 814 евра, вест која најмалку ќе ги израдува навивачите на Италија и Република Ирска. Во Лион на пример, Италијанците можат да спијат за скоро дупло помалку пари. На 13 јуни таму се игра Белгија – Италија, а кревет е 470 евра. Вториот меч Италија го игра против Шведска во Тулуз каде во хотел се наоѓа место за 226 евра. Совет за жабарите? Не одете во Лил.
Најскап град
Од десетте градови кои ќе бидат домаќини на ова Европско Париз нема да биде најскап, така што Ајфелова кула, Триумфална капија и Шанзелизе ќе можат да се посетат без да им одземат многу повеќе пари на навивачите од претходно. Најсолен град уште еднаш на оваа листа влегува Лил, каде пикот за хотелско сместување е 519 евра, но нема да биде евтино ниту за другите мечеви. Во просек спиење е 519 евра.
Најевтин град
Лил и Ленс се раздалечени 27 километри, но меѓу нив има една гола разлика, а тоа е во цените. Соба за една вечер во просек чини по 176 евра. Таму се играат натпреварите Албанија – Швајцарија, Чешка – Турција и Англија – Велс, како и еден натпревар од осминафиналето. Има и што да се посети, како на пример еден дел од музејот Лувр.
Најевтин меч
Мечот Албанија – Швајцарија кој е на распоред во вториот ден, најверојатно поради реномето на селекциите бара најмал буџет. Двокреветна соба на 11 јуни во Ленс чини 134 евра, а на овој натпревар не е дека ќе има само анонимуси. За Швајцарија играат Лихштајнер, Шаќири, Бехрами и Џемаили.
Највозбудени навивачи
Без сомнение тоа ќе бидат навивачите на Унгарија бидејќи 44 години не виделе Европско првенство. Последното го играа во Белгија 1972 и завршија на четврто место. Избраниците на Бренд Сторк се во група со Португалија, Австрија и Исланд. Не се фаворити во групата Ф, но може да сметаат на својот 12-ти играч.
Најнезаинтересирани навивачи
Сигурно не би му се допаднало на Фабио Капело, а веројатно ниту на неговиот наследник Леонид Слуцкиј тоа што навивачите на Русија се „најладни“ во однос на својата репрезентација. Анализите покажуваат најмал број на пребарувања на интернет во врска со Европското и градовите каде ќе игра Русија. На СП 2018 на свој терен веројатно ќе живнат повеќе.
Најскржавите и најрасипничките навивачи
Во првата категорија влегуваат навивачите на Чешка кои се спремни да потрошат во просек по 265 евра за двокреветна собра, а во втората влегуваат Швајцарците кои се спремни да дадат 436 евра.
Најголемите оптимисти
Дали е поради тоа што играат дома или поради тоа што имаат доста фини измени во составот, но француските навивачи се чувствуваат како да го имаа финалето в џеб. Не се плашат ниту од Шпанија, ниту од Германија и имаат најголем број на кликови во однос на истражувањата за 10 јули. На ЕП 2012 беа елиминирани во четвртфиналето од Шпанија, а на СП 2014 од Германија. Но тоа е минато, во Франција владее оптимизам, а на потег се момците на Дешамп.
Финале со Јапонци
После Французите и Швајцарците, во пребарувањата за Париз на денот на одигрувањето на финалето се Јапонците. Трети на оваа табела, но први меѓу земјите кои не се од Европа. Хонда и другарите се разбира не може да играат на Европско, но нивните навивачи имаат голем интерес за ЕП 2016.
Навивачи од фотеља
Ако се гледа по овие истражувања, Италијанците нема да ги има во голем број во Франција. Тие се на 14-то место во однос на интересот кој го прикажале за градовите каде игра селекцијата на Конте. Ако Франција верува во финале, Италија скоро ич, бидејќи се на претпоследно место во однос на пребарувањата за Париз на денот на финалето.