Натпреварот уште не беше започнат, а навивачите на Шкендија го направија првиот скандал откако ја исвиркаа македонската химна. Овој потег, како и навредливите скандирања, ги испровоцираа и навивачите на Тетекс кои одговорија со својот репертоар на песни.
По 12 минути игра делегатот на натпреварот реши да го прекине натпреварот, а овој прекин траеше десетина минути. Но само по десетина минути игра, делегатот по втор пат го прекина натпреварот откако навивачките групи, посебно онаа на Шкендија, не можеа да се воздржат од националистичките навреди.
Со одлука на раководните лица на ФФМ и согласност на двете екипи, финалето беше конечно прекинато. Доцна вечерва ќе биде донесена одлука околу доигрувањето на натпреварот.