Добро е, освен на балканскиве простори, ако е за утеха имало по малку аматеризам и во најсилните фудбалски лиги. Контроверзниот Винсент Тан од Малезија кој во 2010 година го купи Кардиф Сити не престанува со своите лудории.
На местото на главниот шеф на скаути на тимот кој до сега донесе 25 фудбалери и кој му е десна рака на тренерот Малки Мекеј со кој заедно го истуркаа клубот до Премиер лигата, тој го постави школскиот другар на неговиот син кој нема никакво искуство во фудбалот.
Англиските медиуми пишуваат дека на местото на Муди кој е најзаслужен за сите засилувања на Кардиф и кој претходно работел заедно со Мекеј и во Ватфорд, Малезиецот го назначил анонимниот 23 годишнен Алишен Апсалијамов кој завршил во истото училиште со неговиот син во Швајцарија и кој ова лето бил ангажиран да ги молерисува ѕидовите на стадионот.
Мекеј бил шокиран и разочаран од ненадејното отпуштање на човекот со кој заедно минатата година ја освоија Чемпионшип лигата и за прв во историјата го однесоа клубот во Премиер лигата, но тој нема намера да си поднесе оставка затоа што веќе размислува на следниот меч против Челси.
Откако Малезиецот Винсент Тан го купи клубот направи тотално ребрендирање кое не беше по мерак на навивачите. Традиционалната сина боја на дресовите ја замени со црвена, на логото на клубот наместо сината птица постави голем црвен змеј, а се обиде дури и да му го промени името.
Контроверзниот бизнисмен кој се однесува со премиерлигашот како со детска играчка ќе треба да им објасни на навивачите како 23 годишното момче кое летово работело како молер во клубот, ќе успее да направи трансфери кои му биле специјалност на неговиот претходник кој летово донесе четворица играчи за сума од 30 милиони фунти.