
Францускиот репрезентативец игра сезона од соништата. Најдобар стрелец е во шпанска Ла Лига и на одличен пат е да му донесе нова шампионска титула на Реал.
Во Лига на шампиони, во првиот полуфинален меч со Манчестер Сити, Бензема во првиот дел имаше само 20 контакти со топката, но со неколку потези го остави Реал во игра. Помалку контакти во првите четириесет и пет минути имаше само Винисиус (12).
Бензема постигна гол во прво полувреме а во второ ладнокрвно реализираше пенал со Паненка за конечни 4:3.
НЕВЕРОЈАТНИТЕ БРОЈКИ НА ФРАНЦУЗИНОТ СО АЛЖИРСКО ПОТЕКЛО
Бензема веќе има 14 гола во Лига на шампиони сезонава. Го надмина Роберт Левандовски кој веќе испадна од ЛШ со Баерн. Карим е апсолутен лидер на листата на стрелци зато што најблискиот до него, Мохамед Салах има 8 гола.
Капитенот и лидер на Реал добро стои и на вечната листа стрелци во ЛШ: Има 85 гола а пред него се Левандовски со 86, Меси со 126 и Кристијано Роналдо со 140.
Некогашниот центарфор на Лион игра во сјајна форма: даде 21 гол само во 2022 година во сите натпрварувања а за тоа му требаа само 18 меча.
Во текот на целава сезона има 42 погодоци на 41 средба: 25 гола на 29 меча во Ла Лига, 14 гола на 10 натпревари во Лига на шампиони и 2 во Суперкупот.
Бензема прв постигна 40 гола за една сезона во Реал Мадрид а има уште 5 за Франција сезонава.
Плејофот во Лига на шампиони му е омилена фаза. Таму има четири комада на пет средби (не даде само против ПСЖ на гости во првиот дуел од нокаут фазата). После тоа ги суреди Парижаните со хет-трик во Мадрид, па имаше и хет-трик против Челси среде Лондон и гол дома на „Сантијаго Бернабеу“. Со тој настап го донесе Реал во полуфинале а сега со два гола го остави жив пред реваншот.