Сите успеси на Франција се врзани со миграцијата: Зидан, Анри, Десаи, Копа, Мбапе, Платини

Француската фудбалска репрезенација ќе се обиде да стане трета селекција во историјата која ја одбранила шампионската титула на Светско првенство. Les Bleus се составени од играчи кои потекнуваат или чии родители потекнуваат од други земји. Така е веќе неколку децении поради колонијалното минато и лесната миграциска политика.

„Погледнете во историјата. Најдобрите отсекогаш биле темнокожи или арапи, добро освен Платини и Кантона“, рекол 12-годишниот Килијан Мбапе во едно интервју на времето за  Le Figaro кој зборувал со тогаш најголемиот талент во детски категории.

На крајот, Мбапе е во право, но не во целост. Буквално сите најдобри фудбалери во историјата на француската репрезентација се имигранти или потомци на имигранти. Па дури и Платини и Кантона.

Денес имигранти или нивните деца составуваат 25% од населението на континентална Франција, односно близу 15 милиони луѓе. И така било речиси секогаш, поради колонијалното минато и развој на земјата.

Уште од крајот на XIX, на бранот на револуцијата во Франција се доселиле Полјаци, Шпанци, Белгијци, Португалци и Италијанци.

На пример од Шпанија директно потекло водат браќата Лука и Тео Ернандез (можеби најдобриот француски играч на Светско 2022) и Кантона. Од Португалија директни корени имаат Гризман и Роберт Пирес. Од Италија Платини и Оливие Жиру, од Полска Кошелни, Копа и Ламин Курзава, од Ерменија Јури Џоркаеф и Алан Богосјан.

Што се однесува до Африка, од овој континент дојдоа можеби најдобрите играчи за Франција.

Одиме по ред:

СЕНЕГАЛ - Патрик Виеира, Ферлан Менди, Бакари Сања, Евра, Сахо
ГВИНЕЈА БИСАУ- Погба, Дајот Упамекано
БРЕГ НА СЛОНОВА КОСКА - Џибрил Сисе
ГАНА - Десаји
КАМЕРУН - Мбапе, Умтити, Салиба, Тчуамени
ЦЕНТРАЛНО АФРИКАНСКА РЕПУБЛИКА - Зума, Кондогбија
ДР КОНГО - Манданда, Макелеле, Кимпембе, Нзонзи, Дисаси, Камавинга, Коло Муани, Матуиди, Нкунки
АНГОЛА - Блез Матуиди
РЕИНИОН - Дмитри Паје
БЕНИН - Сидни Гову
ТОГО - Корентин Толисо
МАРОКО - Рами, Гендузи
АЛЖИР - Зидан, Бензема, Насри, Фекир, Мбапе, Ауар
ТУНИС - Бен Једер, Бен Арфа
ЛИБАН - Вилијам Салиба

Други континенти и земји

ИНДИЈА - Викаш Дорасо
ФИЛИПИНИ - Алфонс Ареола
ХАИТИ - Преснел Кимпембе
НОВА КАЛЕДОНИЈА - Кристијан Карембе
ГВАДАЛУПЕ - Анри, Турам, Кингсли Коман, Мењон, Лемар, Галас, Лаказет, Марсијал
МАРТИНИК - Тиери Анри, Ањелка, Вилтор, Клиши, Рафаел Варан
АРГЕНТИНА - Давид Трезеге

*************

„Франција отсекогаш се придржувала до политика на имиграциска отвореност. Луѓе од други земји доаѓале и активно учествувале во економијата. Поради тоа ние имаме мултикултурално општество. Во репрезентацијата на Франција тоа е силно изразено. Многу играчи имаат двојно државјанство, доаѓаат од разни култури, родени во Франција, но нивните родители се од земјите во Африка, Магриб.

Десаи од Гана, Зидан од Алжир, Платини од Италија, Копа од Полска. Испаѓа дека сите најдобри играчи не се Французи по потекло.“, вели новинарот Жилиен Тома Вил од магазинот Les Dernières Nouvelles d’Alsace.

Сега најголемиот бран миграција е од Африка. Дури 20% од регистрираните мигранти во Франција се од Северна Африка (Алжир, Мароко, Тунис). Едни од нив се родителите на Валид Реграги, селекторот на најголемата сензација на Светско првенство, Мароко. Исто и родителите на мароканскиот капитен Ромен Саис како и Софијан Буфал.

Но миграцијата работи на обете страни па така например родени во Франција за Мароко играат Саис, Буфал, а за Франција Адил Рами, Матео Гендузи.

20 од 23 играчи во шампионската генерација од 2018 и дури 22 од 26 сега на Светското 2022 се потомци на мигранти. 87% во 2018 и 85% сега. 

МИГРАЦИСКИ БРАНОВИ ПРИДОНЕЛЕ ЗА ФУДБАЛСКИ УСПЕХ

Во 1932 во првото првенство на Франција во фудбал 113 од 387 играчи биле странци. Францускиот фудбал уште од сам почеток е врзан со имиграција. Првиот фудбалски клуб во земјата, Хавр во 1872 го основале Англичани кои работеле во трговското пристаниште.

Во химната на клубот Хавр ден-денес гордо се пее дека клубот им го основале горди синови на Харвард и Кембриџ.

„Тогаш во Франција била вистинска англоманија. Француската елита го знаела и го разбирала фудбалот зошто англиското образование и неговата традиција станале пример за Европејците. Во Франција сите се труделе да го копираат британскиот модел на образование и англиските универзитети“, раскажува етнологот Фабрис Гронје.

До Првата светска војна фудбалските клубови во Франција се состоеле од странци. За Стандард (петкратниот шампион на крајот од XIX век) и Расинг Кале играле Англичани, за Вајт Роверс Шкотланѓани, за Стад Елветик од Марсеј Швајцарци итн.

Во Франција на почетокот на ХХ век имало недостиг од работничка снага, па во рудниците на северо-истокот, во пристаништата и фабриките дошле воглавно Италијанци и Полјаци.

Во ’30-те години во Франција живееле околу 800.000 Италијанци (меѓу нив пеачот и глумец Ив Монтан, пеачката Далида, глумецот Жан-Пол Белмондо) и 500.000 Полјаци (хемичарката Марија Склодовскаја-Кири, режисерот Роман Полански, инженерот и основачот на Citroën, Андре Ситроен и др.).

Италијанци доаѓале во алпските Гренобл и Лион и во Стразбур или Мец, а Полјаците на северо-исток во Ленс, Лил и Валансен. 

Тогаш легионерите лесно ги натурализирале. Првиот натурализиран француски репрезентативец бил Швајцарецот Паоло Романо во 1910-та година. Во ’30-те години подоцна процесот станал помасовен. Веќе во 1931-ва за Франција заиграл првиот црномурен фудбалер: Раул Диање, син на сенегалски пратеник и градоначалник на Дакар Блез Диање.

На првото Светско првенство одржано во Франција во 1938-ма половина состав им бил од мигранти или нивни потомци Сенегалецот Диање, германските Полјаци Поволни и Ковалчик, Алжирецот Бен Буали, Алжирец со италијански корени Затели, Италијанецот Ди Лорто, Швајцарецот Куртоа, португалскиот Италијанец од Луксембург Дарји, Австриецот Жордан, англискиот Французин Астон, Германецот Есерер. Пола репрезентација.

Првите успеси исто им се поврзани со мигранти. На Светското 1958-ма Французите првпат стигнале до полуфинале. Репрезентацијата ја воделе сјајните Рајмон Копа (Копашевски, син на полски мигранти) и Жист Фонтен од Маракеш (татко Французин, мајка Шпанка, роден во француски Мароко).

„Репрезентацијата во 1958-ма беше резултат на економска миграција. После Првата светска војна се изградија одново заводи и рудници, па за тоа се ангажираа италијански и полски мигранти. Во ’50-те и ’60-те фудбалот беше како опиум за народите во напредните земји“, вели историчарот Пол Дитши.

ТРЕТ БРАН МИГРАЦИЈА, ТРИУМФ НА 1998 КОЈ ПОМОГНАЛ ВО БОРБАТА СО УЛТРА ДЕСНИЧАРСКИ ПОЛИТИЧАРИ

Третиот бран миграција во Франција почнал во ’80-те години. Европската шампионска титула во 1984-та и бронзата на Мундијалот 1986-та ги донеле Платини и Батистон, Французи со италијански потекло, Тигана (роден во Мали), Шпанецот Фернандез и синот на шпанските мигранти Аморосо.

Но главен симбол на влијанието на миграцијата врз францускиот фудбал е Светското првенство 1998-ма.

Таа репрезентација ја нарекоа уште и Black-Blanc-Beurre (Црни-Бели-Северноафриканци). Иако беше уште покултурална.

- Дешам, Лизаразу, Блан - лидери од разни француски региони
- Пирес и Кандела - од Јужна Европа (Шпанија и Италија)
- Џоркаеф Ерменец. Дедо му Армадик Џоркаеф се родил во Астрахан, војувал со црвено-армејците во Граѓанска војна а потоа заминал во Франција
- Трезеге се родил во Франција кога татко му Аргентинец играл за клубот Руан. До 17 години малиот Давид не знаел збор француски.
- Виеира и Десаи од Сенегал и Гана. Марсел по раѓање добил име Оденке Абеи.
- Анри, Турам, Лама и Карамбе се од прекуморските региони, Гваделупе и Мартиник во Карипско море, Француска Гвајана во Јужна Америка и Нова Каледонија во Тихи океан.

Прадедо му на Карамбе и други претставници на народите Канака во 1929-та година биле ставани во париски зоолошки градини а пред нивните кафези стоела табла со натпис (Прави човекојадци) и биле сместени заедно со крокодили. Самиот Карамбе не ја пееше химната Марсејеза. 

Мултикултурална репрезентација била идеална за француските политичари. Кога на Жак Ширак му паѓал рејтингот и популарноста, тој секогаш се фаќал за миграцијата и знаел дека преку фудбалот ќе го крене рејтингот. Пред почетокот на Светско 1998 кое Французите го освоија на домашен терен, тој дошол во базата во Клерфонтен.

На Елисејските полиња таква прослава, како онаа за титулата ’98-ма никогаш немало уште од 1944-та.

16 декември 2022 - 10:05