Сите комбинаторики за Милан или Атлетико Мадрид да стигне до осминафинале

Само Б групата од синоќешните четири ќе добие разврска во последното коло од ЛШ. Таму Ливерпул е сигурен патник, а битка за втората позиција ќе бијат сите останати екипи. Многу е тесно и неизвесно.

Паралелно со одличниот старт во Серија А каде првиот пораз го забележаа во 13. коло, Милан тргна ужасно лошо со 0 бодови по првите три средби во Лига на шампиони.

Загубија 3:2 од Ливерпул, 1:2 од Атлетико Мадрид, па 1:0 од Порто. Ситуација по која речиси и да беа отпишани. Но ништо подобро до овој момент не се покажа ниту тимот на Симеоне, кој редовно е фаворит за место во топ 16.

И сега ситуацијата на овие две екипи после веројатно неочекуваниот триумф на росонерите во Мадрид е доста замрсена. Имаат по 4 бода со идентичен скор од 1 победа, 1 реми и 3 порази. Порто пак има 5 и со евентуален триумф дома против Атлетико Мадрид станува осминафиналист.

Во случај Атлетико да слави на гостувањето во Португалија, а Милан го добие дома Ливерпул кој има перфектен скор 5 од 5, тогаш на сцена стапуваат следниве комбинаторики.

Само едно мало потсетување. УЕФА летово го укина правилото „гол на гости“ кое важеше од 1965-та година и со кое Шпанците ќе одеа понатаму во случај на ист број на бодови со Милан.

Ако Атлетико и Милан слават во последното коло на 7 декември ќе имаат по 7 бода, а патот во нокаут фаза ќе се одлучи според следниве критериуми:

1. Меѓусебен дуел (Овој параметар нема да одлучи, бидејќи 2:2 е нивниот вкупен резултат).

2. Гол разлика (Милан во моментов е подобар со -2, а Атлетико има -3. Во случај на иста гол разлика се оди на критериум број 3).

3. Број на постигнати голови (Милан е тука за нијанса подобар со 5 постигнати голови. Атлетико има 4. Ако и по овој параметар се исти, ќе се гледа критериумот број 4).

4. Број на постигнати голови на гости (Милан има дадено 3, а Атлетико 2. Ако се поклопи и тука да имаат исто, тогаш ќе одлучи петтиот критериум)

5. Повеќе победи на гости (Тука се 1:1, но ако одлучува овој параметар како последен, тогаш осминафиналист ќе стане Атлетико, бидејќи во Порто би стигнал до втора гостинска победа).

Јунакот на Милан кој го сруши Атлетико, на 25 години играл за годишна плата од 1.500 евра

25 ноември 2021 - 11:31