Дурмаз влезе на терен во 74’ минута од клупата за резерви при резултат 1-1 којшто ја носеше Шведска во следна фаза.
Во 95’ минута направи непромислен фаул над центарфорот Тимо Вернер па Тони Крос со еврогол од слободен удар и донесе неверојатно важна победа на Германија.
Коментаторите и аналитичарите ширум светот зборуваа дека Џими Дурмаз направил неинтелегентен прекршок кога судијата го држел свирчето во уста да отсвири крај.
Но бесни шведски навивачи агресивно го нападнаа Дурмаз на социјалните мрежи каде му пишуваа расистички коментари. Пред утринскиот тренинг на Шведска во неделата, Дурмаз застана пред сите соиграчи од репрезентацијата и стручниот штаб и прочита соопштение:
„Кога ми се заканувате, кога ме викате ’арапски ѓавол’, ’терорист’, ’Талибанец’, тогаш далеку ги преминувате границите. И што е уште полошо, одите и по моето семејство, моите деца, им се заканувате. Кој прави такви работи? Апсолутно е неприфатливо.
Јас сум Швеѓанец и горд сум што играм за шведската репрезентација. Тоа е нешто најголемо што можеш да го достигнеш како фудбалер. Никогаш нема да дозволам расистите да ја уништат таа гордост. Мора да застанеме заедно против сите форми на расизам“, рече фудбалерот на француски Тулуз читајќи го соопштението кое го објави и шведската фудбалска федерација на својот сајт.
Шведскиот сојуз соопшти и дека ги пријавил заканите и навредите врз Дурмаз во полиција. Говорот на Џими Дурмаз заврши со заеднички извик „Fuck racism“ од сите репрезентавци како аналогија на фразата која се користеше по социјалните мрежи после случајот.
„Не толерираме играч да биде изложен на закани и насилство. Многу е непристојно и вознемирувачки да се види низ што помина Џими Дурмаз. Целосно неприфатливо“, изјавил генералниот секретар на шведската фудбалска федерација Хакан Сјостранд.
Поразот од Германија значи и дека Шведска остана на три бода зад првопласираниот Мексико на коло пред крајот. Во последната рунда Швеѓаните играат против Мексико а Германија (3 бода) против Јужна Кореја (0 бодови).