Исповед на руски новинар

Што точно се случуваше на стадионот во Париз

Познатиот руски спортски новинар, Владислав Воронин во живо го гледал дуелот Франција - Германија и детално ги опишува моментите на страв кога публиката дознава за терористичките напади.

Во неколку одвоени напади во Париз загинаа преку 150 луѓе. Во близина на стадионот Стад де Франс во Сен Дени се случиле неколку напади, а еден од терористите имал влезница за натпреварот Франција - Германија и сакал да влезе во секторот Ј, но бил отстранет од редарите.

„Првиот пат згрми во 17. минута од мечот Франција - Германија. Никој околу мене не трепна, не изгледаше дека внимава и дека го бара изворот на бучавата. Звукот беше сличен на оној кој често се шири на руските стадиони кога се фрлаат петарди, само беше малку погласен и подолг. Оваа експлозија не исплаши никого и не сметаше. За минута и пол или две повторно загрми, само овој пат на другата страна од стадионот. На трибините и натаму се бодреше омилениот тим. За експлозијата никој не знаеше и не помислуваше на такво нешто.

Стравот наиде на почетокот на второто полувреме. Смартфоните приклучени на Вај-фај веќе светкаа од пораките добиени на Месенџер. Французинот до мене делуваше како да нема време да одговори.

Потоа почнаа повиците од дома, луѓето беа конфузни и продолжија да читаат вести. Фудбалот стана некако непотребен и се наметна во втор план, интересот за него значително опадна.

Како што нагласија подоцна од француската фудбалска федерација, натпреварот не бил прекинат за да не се сее паника меѓу луѓето. Во еден момент од второто полувреме веќе се знаеше не само за експлозииите во близина на стадионот, туку и за пукотниците во рестораните. Стигнуваа вести за киднапирани во театарот Батаклан и луѓето видно исплашени тргнуваа кон излезот.

Меѓутоа, не беше можно да се излезе од Стад де Франс. Редарите стоеа пред спуштените метални порти.

- Што се случило? - прашав еден од нив.
- Страшна несреќа. Имаме големи пролбеми. Во моментов можам да ви кажам само дека стадионот е потполно затворен.

Тоа го слушнаа сите кои сакаа да си одат дома. Немаше паника и луѓето некако изненадувачки мирно реагираа на веста и се распоредија на трибините. Околу 85. минута, управителот на мојот сектор свирна со свирче и ја отвори портата - може слободно да излезете. Меѓутоа, многу фанови беа замолени да го напуштаат стадионот со кренати раце во вис, за да се избегне непотребниот сомнеж. Некои дури беа осветлувани со ноќна батериска лампа, ако изгледаа дека имаат нешто необично на себе.

Натпреварот заврши и стадионот почна да се празни. Во позадина се слушаше песна од Метрономи, а оддеднаш огромна толпа на луѓе се спушти зад едниот гол. Луѓе трчаа во сите правци, исплашени и хистерични ги прескокнуваа скалите и бучно газеа по седиштата. Одеа кон теренот и лесно ги прескокнуваа рекламите. Овие хаотични крици се вмешаа во еден и тогаш навистина се доби чувство на страв.

Во тој момент ужас ги фати дури и оние најупорните, паниката стана вообичаена за само неколку секунди. Кога толкав број на луѓе ќе тргне на сите страни, не е можно а да не се помисли на најлошото. Свеста е исклучена, работи само инстинктот.

Сакам да сум некаде далеку и не можам да седам мирно. Редарите храбро се обидуваа да го запрат ширењето на паника, еден од нив грабна некое црвено и гласно се обидуваше да објасни нешто. Но никој не сакаше да го слуша. Публиката како река се симнуваше на теренот.

Како резултат на тоа, теренот беше полн во целост. Имаше неколку стотици, можеби илјадници луѓе. Очигледно не знае што да прават и како да побегнат. Воглавном беа со телефони: Некои снимаа, некои читаа вести, а некои телефонираа кај роднини.

- Зошто се стрчавте на теренот? - прашав еден Французин.
- Некој ми кажа дека имало пукање на излезите.

Надвор полиција со ротациони светла, врисоци за помош и гласни амбулантни коли. Немавме претстава што се случува, но тоа предизвика верижна реакција на уплашеност кај луѓето.

Спикерот на Стад де Франс на секои 2-3 минути повикуваше луѓето да останат мирни и да не паничат. Но како да останат мирни кога хеликоптер кружеше над стадионот а вестите за бројот на загинати стануваа погласни.

Напнатоста траеше 20-25 минути, а полицијата цело време ја засилуваше безбедноста околу стадионот каде направи неколку кордони. Кога завршија подготовките, спикерот изјави: „Не постои опасност, може да го напуштите стадионот. Ве повикувам да се качите на трибините и да почекате вашиот сектор да се отвори". Луѓето послушно го напуштија теренот, но на улица се однесуваа многу внимателно. Татко го држеше синот за рамената и го сокри со своето тело. Мајка со ќерка долго време не се усудуваше да отиде до раскрсницата - стоеше потпрена на ѕидот од еден локал и гледаше од аголот да не стои некој со оружје.

Евакуацијата беше организирана многу добро. Вооружени полицајци веднаш ги опколуваа поголемите групи на луѓе. На секои 15-20 мети имаше полицајци со оружје. Некои подземни премини беа периодично затворани, за да не се направи стампедо. Улиците до најопасните области беа блокирани.

Мерките на претпазливост беа на највисоко ниво. Шоферот на мојот автобус побара да ги исклучиме светлата од сите можни извори, па и од телефоните. „Во спротивно може да станеме мета" - викна еден човек. Веќе беше познато дека на Стад де Франс дошло до три експлозии. Најмалку еден бомбаш самоубиец кој бил во непосредна близина на стадионот, покрај влезната врата на секторот Ј. Експлозијата се случила близу секторот каде што седел претседателот на Француската фудбалска федерација, Ноел Ле Гре. Според изворот на агенцијата АФП од полиција, бомбата на самоубиецот била во посебен појас.

Агенцијата АП и францускиот телеканал BFMTV соопштија дека имало двајца бомбаши самоубијци, а третата експлозија била предизвикана од фрлена бомба. Според листот Ле Фигаро, експлозијата се случила во близина на МекДоналдсот покрај влезната врата Д на Сен Дени и кафулето Евент (првата експлозија во 21:15, но таа не се слушна на стадионот).

Како резултат на експлозиите, пет лица загинаа близу Стад де Франс, 30 лица беа повредени од кои 11 потешко. Француската репрезентација го откажа тренингот закажан за во сабота. Германците останале четири часа на стадионот затоа што не им гарантирале безбедност до хотелот кој се наоѓа во срцето на Париз. На крај заминале во неколку посебни комбиња под полициска придружба.

За тоа време, на другата страна од Париз веќе загинале повеќе од 120 луѓе.

Владислав Воронин.