Ако пракса во нормалните држави е успехот на селекторот да биде награден со нов договор, тогаш кај нас работата не е баш таква.
Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Муамед Сејдини веќе неколку месеци најавува дека по новогодишните празници ќе разговара со селекторот околу новиот договор. Како да треба да преговараат околу праќање лансирно возило кое се користи за носење товар од Земјината површина до блиската орбита, а не 2 листа со потписи за нов договор.
Во случајот со Игор Ангеловски, ситуацијата, барем во јавноста е јасна: тој создаде одлична атмосфера во тимот каква што никогаш сме немале на фудбалски терен, оствари многу важни резултати и ја однесе Македонија на Европско првенство.
Што има понатаму да се разговара? Во нормални услови се седнува и се договара нов договор (дали по исти или по ревидирани услови).
Ангеловски е 5 години селектор, имаше доверба од ФФМ кој еднаш веќе му го продолжи мандатот, а сега се шпекулира со нови имиња за негов наследник. Сега кога тој ја оствари целта.
Јавноста веќе извесно време шпекулира со тивка војна на релација селектор-ФФМ. Причините се непознати.
При гостување на „Алсат ТВ“, првиот човек на ФФМ, Сејдини рече дека ќе разговара со Ангеловски за нов договор, а ако не постигнат такво нешто, „целата јавност веќе знае кој ќе биде новиот селектор“.
„Прво ќе разговараме со Ангеловски, а потоа ќе одиме со други варијанти. Ќе се појавуваат шпекулации, се појави шпекулација и со Просинечки, ама сакам јавноста да знае дека прво ќе разговараме со Ангеловски. Ако не се согласиме ќе продолжиме со разговорите. Да не шпекулирам, ама цела јавност знае кој ќе биде селектор, ако не се договориме со Ангеловски“, кажа Сејдини.
Неговата изјава доаѓа само пар дена откако селекторот на младата репрезентација Боби Милевски во интервју за каналот на ФФМ отворено кажа дека сигурно сака еден ден да биде селектор на А селекцијата. Неговиот договор како селектор на У-21 истекува во февруари.
„Јас не кријам, ниту пак сум криел претходно дека еден ден сакам да сум селектор на А-тимот. Секој тренер во земјава има крајна цел да биде селектор на својата држава. Познавајќи ја визијата на ова раководство на ФФМ, познавајќи ја нивната стручност и професионалност верувам дека како ќе се одвива мојата тренерска кариера, мислам дека ќе донесат правилно решение. Особено што мене ми завршува договорот на крај на февруари. За што понатаму – ќе видиме. Но, ништо не зависи од мене, мое е да си ја работам работата најпрофесионално и најстручно што знам и умеам, а ќе видиме што ќе донесе времето“, рече Милевски.
Помалку чудна и во временски рамки можеби избрзана изјава ако се знае дека ререзентацијата на Европско треба да ја води човекот кој и ја однесе таму, Ангеловски.