Во краток разговор за азербејџанскиот портал Azerisport.com Игор Митрески вели дека во моментов помага со совети во Спартак Москва, тимот со кој ја освои титулата во Русија пред цели 16 години и играше во Лига на шампионите.
Во сезоната 2001-ва, Митрески беше еден од подобрите стопери во Лигата на шампионите дел од тимот кој освојуваше бодови и победуваше ривали како Реал Мадрид, Арсенал, Лион, Спортинг Лисабон, Баерн Минхен...
Стружанецот (роден 1979) кариерата ја започна некаде во 1997 година во Македонија Ѓорче Петров, а подоцна играше уште и за Караорман, Напредок и Силекс од каде на почетокот на јануари 2001 замина во Москва и тоа во гигантот Спартак. За Спартак играше до март 2005-та година и се појави на 114 меча. Остави длабок белег и стана трет странец со најмногу настапи за Спартак Москва.
После Москва, Митрески заигра и за Нефчи со кого играше во Лига Европа против Интер.
„Мојот Спартак стана шампион после 16 години. Се радувам на титулата исто како и во 2001 година кога бевме најдобриот тим во Русија. Сега примам честитки и јас, ми се јавуваат руски новинари. Имам опција да продолжам како скаут и по тој повод ќе одам во Москва на неколку недели. Може да му помагам на мојот другар Марко Трабуки како скаут“, вели Митрески за Azerisport.com.
На прашањето кој фудбалер би можел да го препорача кај управата и тренерот на Спартак Масимо Карера, Митрески вели:
„Има пар млади играчи од Македонија, еден од Хрватска и еден од Србија. Тоа се млади играчи, по 21-22 години, најдобри на Балканот во моментов. На Спартак би му го предложил левиот бек на Вардар и младата македонска репрезентација Бесир Демири. Тој е многу интелегентен играч кој во јуни ќе игра на Европското за млади во Полска“, изјави Митрески кој додава и дека има можност да работи и како советник во македонската репрезентација.