Јави се Јужна

Што и текна на управата на Вардар да ги потцени своите навивачи

Наместо да го искористи моментумот околу спортската еуфорија во земјава која започна со ракометарите од нивното спортско друштво и наместо да ги уважи и почитува своите најверни, управата на Вардар повлече неколку чудни потези.

За разлика од многу новокомпонирани навивачи во обид, црвено-црните бои одамна им се најмили на верните стари Комити кои не прават многу разлика помеѓу дуел во Купот со Ростуше и квалификации за ЛШ против Малме и Копенхаген.

Голем дел од нив, а посебно оние од Стара Гарда, луѓе за кои Јужната трибина значи и втор дом вчера беа забезекнати од соопштението кое стигна од ФК Вардар.

ОД ШТО МАКА?

- Управата на македонскиот првак за мечот против Фенербахче пушта во продажба влезници кои чинат повеќе дури и од мечот за Супер Купот каде играа најголемите светски фудбалски ѕвезди: 2.000, 2.500 и 3.000 денари.

- Цената на влезниците за далеку поважниот меч против Копенхаген во баражот за ЛШ изнесуваше сосема пристојни 400 денари. За сечиј џеб. Максимално фер и коректно.

- Јужна, а потоа се испостави и Источна ги алоцира за гостинска публика. Замислете Јужна да ја дадеш на противнички навивачи значи како дневната во станот да ја дадеш некому, значи да се откажеш од своите најверни кои таму седат и на дожд, сонце, ветер снег, зиме-лете.

- УЕФА наложува на гостите да им следи 5% од вкупниот капацитет и тоа го има заведено како регулатива во својот правилник, а Вардар како „прав домаќин“ му дава на Фенербахче цели 50% од вкупниот капацитет!

КОЈА Е ЦЕЛТА?

Низ кулоарите гласно се размислува дека управата на Вардар на ваков потег се одлучила поради казната од 60-ина илјади евра кои мораше да и ги плати на УЕФА поради разно-разни кршења на правилата на дуелите со Малме и Копенхаген.

Оттука основано се поставува прашањето: Дали раководните главешини од клубот свесно решаваат да им свртат грб на СИТЕ свои навивачи, револтирани од тоа што некој изолиран поединец фрлил запалка, направил гужва или пеел против УЕФА?

Ако им даваат дури 50% од стадионот на гостинските навивачи, тогаш зошто не се договореа фино лепо двете утакмици да се играат во Истанбул па нека ја делат заработката од картите. Боже мој, убав град, ќе прошетаа неколку дена, ќе одиграа две средби на модерниот „Шукру Шарачоглу“ и ќе заработеа плус. И волкот сит и овците на број.

БОЈКОТ?

Само неколку минути откако ФКВ објави соопштение, навивачите збеснаа по социјалните мрежи и со право го истурија сиот свој бес врз управата. Имаше разни предлози од кои најчесто се споменува бојкот на мечот со Фенербахче од страна на вардаровите навивачи. „Не е ради цената, би дал толку пари, работата е што те прават будала при здрав памет“, напиша еден од тифозите на скопскиот клуб а друг додаде: „Треба да се бојкотираат, па нека играат само пред туѓа публика на свој стадион. Никој да не им отиде!“

КАРТИТЕ ЗА РЕВАНШОТ ВО ИСТАНБУЛ

Фенербахче ги објави цените за влезниците за мечот со Вардар и тие се поевтини од оние за дуелот во Скопје: За страничните трибини цените на влезници во зависност од местото изнесува 988 денари (15 евра), 1.029 денари, 1.101 денари, 1.235 денари.

П.С. Дел од странците кои синоќа дознаа за ваквиот потег на управата на ФК Вардар во чудо рекоа дека никогаш и никаде не слушнале некој да дава две трибини од својот стадион на противнички клуб. Ама, ете, сега слушнаа...