Со месеци Пандев и Ледезма тренираа одвоено од своите соиграчи, казнети од Лотито кој не можеше да се помири со тоа што и двајцата одбија да го продолжат договорот и преговараа со други екипи.
Истата сезона, Лацио одлучи да не ги викне двајцата за натпреварот од Супер Купот на Италија во август и тоа беше јасен знак дека Пандев и Ледезма ќе го напуштат клубот. Од тој момент па во следните неколку месеци имаше обвинувања, подметнувања и тужби од сите три страни.
Поранешниот капитен на Македонија излезе како победник од целиот спор со Лацио, успеа да го раскине договорот на штета на клубот и на 23. декември 2009. година стана слобден играч. Веќе во јануари Интер го искористи тоа и го доведе Пандев во своите редови. Струмичанецот потпиша на 4. јануари и веќе на 6. јануари Мурињо го стави во првиот состав за дуелот против Кијево во Верона.
Оттогаш Пандев стана многу важен елемент во играта на Интер и неколку месеци подоцна ја освои тројната круна (ЛШ, Серија А, Куп на Италија).
Целосно различна судбина имаше Ледезма. Повторно Интер како за Пандев, така и Ледезма чукна на вратата на Лотито. Револтиран од тоа што му го направија со Пандев, Лотито бараше 15 милиони евра. Спортскиот директор на Интер, Марко Бранка се обиде повторно по легален пат, преку Здружение на прволигаши да му го украде Ледезма на Лацио, но овојпат судот пресуди во корист на претседателот Лотито.
Мурињо го пушти Патрик Виера во Манчестер Сити кај Манчини и имаше потреба од играч од средината на теренот. На листата Ледезма беше прва желба, а останати кандидати беа Жулио Баптиста, Мигел Велозо, Гојко Качар, Муса Сисоко и Мвила (на времето во Рен). Интер за Ледезма понуди 8 милиони евра плус двајца млади играчи, меѓу кој и Словенецот Крин.
По системот топло-ладно, Ледезма беше близу па беше далеку од Интер, по што нероаѕурите се свртеа кон Мигел Велозо од Спортинг Лисабон. Португалецот не беше достапен за трансфер, па агентот Хорхе Мендез на Интер му го понуди Мануел Фернандес, играч од среден ред на Валенсија кој паузираше неколку месеци поради скршеница на ногата. Фернандес дојде во Милано, се поздрави со новите соиграчи, изјави дека му е мило што ќе игра за Интер, но на крајот не ги помина медицинските прегледи. Во меѓувреме Интер повторно загриза за Ледезма, но Лацио не сакаше да слушне.
Интер се заврте кон Марига од Парма, за кого плати 2,5 милиони евра плус Бијабиани. Ледезма остана во Лацио, во февруари следната година стана стандарден кај тренерот Балардини, го продолжи договорот и стана капитен на Лацио.