Шамар каков што Англија одамна не добила, Унгарија им го оцрвени образот

На 12 средби во вторникот во Лига Нации имаше крајно луди резултати, како и од почетокот на новото издание на овој турнир. Германија ја расканта Италија 5-2, а Унгарија ја понижи Англија среде Англија со 0-4 на неколку месеци пред стартот на Светско првенство.

Англија - Унгарија 0-4. „Гордиот албион“ го доживеа најтешкиот пораз во последните 94 години!

Англиските навивачи едвај го чекаа мечот со Унгарија. Што поради навивачкото ривалство кое се создаде во последниве пар сезони затоа што Унгарците упорно одбиваа да прифатат нивните фудбалери да клечат во знак на солидарност со акцијата Блејк Лајвс Метр, што поради тоа што англиските медиуми понекогаш и без основ ги обвинуваа Унгарците дека биле расисти.

Мечот се играше на стадионот „Молине“ каде Англичаните пред неколку дена играа за првпат после скоро 66 години (последен пат на овој стадион играле во декември 1958-ма кога ја победиле Данска со 5-2). Пред една недела играа против Италија пред трибини со околу 3.000 деца поради суспензијата од УЕФА за еден меч.

Навивачите беа желни за фудбал па го наполнија стадионот и сведочеа тежок пораз, еден од најтешките во историјата.

Пред почетокот на мечот за време на интонирање на унгарската химна, англиските навивачи жестоко ја исвиркаа и скандираа „вие сте расистички копилиња, вие знаете што сте“ (“you racist bastards, you know what you are”).

Англија и Унгарија се сретнаа неколку пати низ годиниве и секој меч помина со голема тензија. Унгарските навивачи неделава доживеаа кулминација на радоста затоа што нивната репрезентација во само неколку дена на два пати ја победи Англија.

Унгарците на терен буквално ги демолираа домаќините и со головите на Роланд Шалаи (2), Жолт Наги и Даниел Газдаг до врв ја наполнија мрежата на Арон Ремсдејл, голманот на Арсенал.

На крајот англиските навивачи жестоко ги исвиркаа своите репрезентативци а на селекторот Саутгејт му пееа: „Немаш појма од работата“. Во истата група Германија со 5-2 ја совлада Италија. Унгарците изненадно се први во групата со 7 бода, Германија е втора со 6, Италија трета со 5 бода а Англија закована за дно со само 2 освоени бода и големи шанси да испадне во пониска дивизија.

15 јуни 2022 - 09:02