Серија А со старци и странци

Минатата година повеќе од половина играчи (52,7%) во италијанските клубови беа странци, а годинава фудбал на Апенините ќе играат уште 60 нови играчи кои дојдоа од други лиги. Повратници во прволигашкото друштво се Емполи, Палермо и Чезена.

Во ситуација кога Наполи беше елиминиран од плејофот за влез во Лигата на шампионите од Билбао, многумина го величаа составот на Баскијците за тоа како секогаш го формира тимот со домашни играчи. 

Во Серија А, почнаа да работат спротивно на тоа, со увоз на странски имиња кои наместо како ветерани да го дополнат џебот во САД и арапските земји, доаѓаат да се доиграат на чизмата. 

На само еден ден пред стартот на новата сезона и два дена пред затворањето на трансфер пазаров, во Италија нема бомбастични трансфери, а клубовите повеќе продаваат и трошат колку што му е чергата. 

Најскапо платен играч во летниот преоден рок беше Мората, фудбалер кој во редовите на Јувентус дојде од Реал Мадрид за 20 милиони евра, но се повреди на подготовките. 

Од постарите, а познати фудбалски имиња, во Серија А дојдоа: Немања Видиќ (33, Интер), Патрис Евра (33, Јувентус), Ешли Кол (33, Рома), Сејдиу Кеита (34, Рома), Рафа Маркез (35, Верона), Алекс (32, Милан). 

И покрај негодувањата од навивачите, Милан и Галијани си продолжија по старо и повторно бараа чаре во позајмици. Голманот Диего Лопез дојде од Реал, Жереми Менез како повратник во италијанскиот фудбал во Милано се пресели од Париз, а на „Сан Сиро“ ќе игра и Пабло Армеро, позајмен од Удинезе. 

Најголеми засилувања за Интер летово се Чилеанецот Гари Медел кој замина од Кардиф, Јан Мвила од Рубин Казан и Пабло Освалдо од Саутемптон. 

Рома беше најактивна на фудбалскиот пазар, па освен ветераните Кеита и Ешли Кол, во Рим ги доведе младиот талент од Итурбе од Верона, дефанзивецот Maнолас од Олимпијакос, Емануелсон од Милан и Саил Учан од Фенербахче. 

Солидно испазари и нивниот голем ривал Лацио кој купи четири дефанзивци. Холанѓаните Стефан Де Вриј и Едсон Бравхеид, Душан Баста од Удинезе и Сантијаго Џентилети од Сан Лоренцо. Средниот ред го засилија со Марко Пароло од Парма, а нападот со Филип Џорџевиќ од Нант. 

Наполитанците на Сан Паоло ги донесоа Де Гузман и Мичу кои дојдоа од Свонси, а се уште не е позната иднината на Горан Пандев за кој последниве денови се пишуваше дека можно е да замине во Милан. 

Новост во Серија а ќе биде спрејот кој го прифатија многу европски лиги и кој се користеше на СП во Бразил со кои судиите ќе ги обележуваат живиот ѕид и местото од каде треба да се изведе слободниот удар.

Број на странци по клубови:

29 август 2014 - 17:45