„Секогаш верувај во соништа и ќе ти се остварат“

Стрелецот на златниот гол за Македонија во триумфот од 0:1 во Италија, Александар Трајковски го постигна и последниот гол за стариот легендарен клуб Палермо кој згасна. На истиот стадион сега даде уште еден историски погодок.

Во 1950-та година во Рио де Жанеиро се играло големо финале на Светско првенство.

Пред повеќе од 150.000 гледачи на култната „Маракана“ Бразилците биле спремни за шампионска титула против послабиот Уругвај. Се спремале церемонии, се правело дефиле каде требало да поминат кариоките, се полнеле фрижидери со пијалаци, се пакувал огномет.

Но... Уругвајците прават чудо и победуваат 1-2! Голот на Алсидес Гиџа смрзнал милиони жители во земјата на кафето и самбата.

По натпреварот колективна депресија го обземала цел Бразил кој од тогаш носи фудбалски трауми кога ќе се спомне терминот„Мараканаѕо“, синоним за поразот во тоа финале.

Сега Италијанците сковаа термин „Македонаѕо“, синоним кој ќе ги прогонува уште долго време на фудбалски план. Она што е Алсидес Гиџа за Бразилците, сега е Александар Трајковски за Италијанците.

Бајката да биде уште почудесна, Трајковски е фудбалер кој четири сезони помина токму на истиот стадион „Ренцо Барбера“, во дресот на Палермо. Алекс на Сицилија играше со Илија Несторовски и на 113 меча постигна 20 погодоци.

Еден од тие 20 голови се памети во Палермо затоа што е последен за клубот кој престана да постои на 18. октомври 2019-та.

Несторовски и Трајковски беа стрелци на двата гола на дуелот Палермо - Читадела 2:2 во последното коло во Серија Б во сезоната 2018/2019. На тој 11 мај 2019-та Алекс пред 28.350 гледачи го даде вториот, воедно и последен во историјата на клубот во кој играа Кавани, Лука Тони, Фабрицио Миколи, Дибала, Пасторе, Јосип Иличиќ....

Познатиот клуб беше прогласен за неликвиден и тоа на огромна жал на илјадници навивачи доведе до негово згаснување.

Наследникот на тој Палермо сега игра во трета италијанска лига.

Последниот гол кој го даде за Палермо и последниот гол кој го даде за Македонија против Италија на истиот стадион, уште долго ќе се раскажуваат во двете земји.

По хаосот во клубот, Трајковски замина да игра на Мајорка а од таму се пресели во дански Алборг пред повторно да се врати на Ибица. Од пред неколку месеци игра во Саудиска Арабија, во клубот Ал-Фајха.

Интересно, ова беше втор гол на Трајковски против Италија на гости. Во 2017-та Александар беше стрелец на погодокот за конечни 1-1 во квалификациите за Светско првенство 2022.

25 март 2022 - 11:41