Сега викаат дека и Макс Алегри се кладел, излезе и видео

Меѓу италијанските таканаречени новинари-инсајдери има пар генијални, ама има и пар што се занимаваат со рекла-казала муабети. Еден од вторите е и Фабрицио Корона кој објави видео на кое се гледа како тренерот на Јувентус Масимилијано Алегри се коцкал, а тврдат и дека се кладел на фудбал во Монте Карло.

Италија продолжува да ја тресе скандалот со обложување, така својствен за тоа фудбалско подрачје каде оваа проблематика датира уште од пред речиси многу децении.

Сега на тапет е тренерот на Јувентус Масимилијано Алегри.

„Еднаш освои 40.000 евра и после му даде три илјади на лицето покрај него. Тоа лице наместо него уплати тикет а многу се кладеше на натпревари од Серија Б“, наводно на Корона му кажал доушникот кој и му го доставил видеото со Алегри од Монако.

Снимката датира од време на глобалната пандемија, а доушникот вели дека Алегри гледал Серија Б во живо на телефон до него и се кладел преку друг човек кој уплаќал за него.

Јувентус уште не се огласи за овие шпекулации кои доаѓаат во ек на голем скандал со кладење на репрезентативци на Италија. Фудбалерот на Јувентус и на репрезентацијата на оваа земја Николо Фаџоли доби 7-месечна суспензија откако било откриено и признал дека се кладел на нелегални платформи за обложување.

Фаџоли открил дека Сандро Тонали, најскапиот излезен трансфер во историјата на Милан кој за околу 100 милиони евра отиде во Њукасл, го научил да се обложува и го уверувал дека платформите не оставаат никакви траги.

20 октомври 2023 - 11:59