Седум причини зошто да гледате Лига на шампиони

Долгиот пат кој води до Лисабон вечерва ќе го почнат првите 16 екипи во групната фаза од најинтересната клупска европска пресметка. Скапи трансфери, а пред се голем број на тренерски промени во големите клубови го одбележаа ова лето. Еве ги најголемите новитети кои ќе ги следите на европската сцена.

1. Дебито на Герет Бејл

Првиот меч за „кралскиот дрес" кој го облече за сума од рекордни 100 милиони евра го круниса со дебитанскиот погодок на гостувањето против Виљареал. Но играчот за кој претходеше долга летна сапуница дали ќе пристигне на „Сантијаго Бернабе" или не, вечерва ќе дебитира во "пеколниот" Истанбул. Во центарот на вниманието ќе биде заедно со Кристијано Роналдо, а навивачите ќе ја следат и тактиката на новиот кормилар Карло Анчелоти кој е единствениот тренер кој настапува со 6 различни клубови во Лигата на шампиони.

2. Ќе му помогне ли Озил на Арсенал за повисок пласман?

Најскапиот трансфер во Премиер лигата Месут Озил кој за 50 милиони евра потпиша за Арсенал се очекува да му донесе поголеми насмевки на Арсен Венгер и навивачите кои заборавија што е тоа пехар. „Топџиите" одлично стартуваа во домашното првенство, а од поранешниот играч на Реал Мадрид се очекува многу и во Лигата на шампионите во новата сезона. Но тоа нема да биде лесно уште во групната фаза, затоа што англискиот тим ја доби најтешката група со Борусија Дортмунд, Наполи и Олимпик Марсеј. Деби настапот на Озил ќе му биде во Франција.

3. Новиот предизвик на Гвардиола

Млад но веќе многу трофеен тренер кој собра дури 14 трофеи под водство на Барселона од кои два во Лигата на шампионите. Иако има 42 години Гвардиола може да го сметаме за искусен стратег кој до сега работел само со врвни играчи и кој одлично го знае рецептот за успехот. Скап и победнички состав пронајде и во Минхен со кој ќе ја има најтешката задача, а тоа е да ја повтори со тимот минатата најуспешна сезона за клубот и пред се да ја одбрани титулата во Лигата на шампионите, нешто што не му успеало на ниту еден клуб.

4. Од Пелегрини се бара многу повеќе

На Манчестер Сити му е потребно најмногу победа на првиот меч од Лигата на шампиони, затоа што тим со толку пари и ѕвезди не смее да си дозволи да ги шокира своите навивачи како на пример со поразот од Кардиф и ремито со Стоук во домашното првенство. Минатата сезона „Граѓаните“ се посрамотија и беа елиминирани уште во првата фаза без ниту еден освоен бод на гостинските натпревари. Од поранешниот тренер на Реал Мадрид се очекува далеку подобар успех на меѓународната сцена од оној на Манчини.

5. Споредбата на Мојс со Фергусон

Дејвид Мојс има голем товар. По долгата ера на Фергусон, екипата на Манчестер Јунајтед ќе ја гледаме со нов тренер кој нема искуство во Лигата на шампионите. Навивачите се навикнати на славје и пехари, па така поранешниот тренер на Евертон ќе има тешка задача за да се избори за титула во конкуренција на главните фаворити Баерн, Барселона и Реал. Споредбата со неговиот претходник е неизбежна па така Мојс во група со Леверкузен, Шахтјор и Реал Сосиедат треба веднаш да се покаже со победнички стил.

6. Уште една шанса за Клоп

Борусија Дортмунд имаше тешко лето. Заврши поразен на финалната пресметка во Лигата на шампионите од Баерн и се прости од својот голем талент Марио Гетце. Но Јурген Клоп може да биде среќен затоа што во составот остана Роберт Левандовски, а тимот се засили и со неколку играчи. „Милионерите" се очекува да имаат повторно голема самодоверба, затоа што во германскиот Супер Куп го совладаа европскиот шампион, а тешкиот испит им почнува против Наполи.

7. Мурињо повторно кај своите

Специјалниот го оставивме за на крај. По мерак на навивачите на Челси тој повторно е на „Стемфорд бриџ" каде во претходниот мандат им ја донесе титулата во Премиер лигата, но не успеа во Лигата на шампионите. Во составот ги доби Вилијан и Ето од Анжи, а од него освен голема битка на теренот, се очекува повторно по некоја парада или кавга со некој тренер, играч или новинар. Групната фаза не би требало да му претставува проблем затоа за противници ги има Базел, Шалке и Стеауа Букурешт.

17 септември 2013 - 18:52