
Тешко е да се каже која му е поголема љубов, дали онаа кон фудбалот или кон Фиренца. Не за џабе го викаат „градоначалник“. Како и да е, овој избор на Борха Валеро е направен од срце, бидејќи како што вели во такво катче ги пронаоѓа вредностите на фудбалот.
Минатиот месец Фиорентина не му го продолжи договорот и остана без клуб после 17 години кариера почната во школата на Реал Мадрид, нивниот Б тим, па Мајорка, ВБА, Виљарел, па се до Серија А.
Желбата му беше да остане во Фиорентина барем уште една сезона, но сепак ќе остане во градот каде создаде посебна врска со луѓето. Големата фама во Серија А ќе ја замени со аматерски фудбалски клуб кој постои само 11 години.
Се вика „Il Centro Storico Lebowski“ или Историскиот центар Лебовски кој е формиран на клупа на плоштадот Д`Ацељо во Фиренца. Припаѓа на шестата лига која го носи името „Дилетанти“ и функционира како гранка на своите поддржувачи.
Нешто како маалски клуб без газди, управуван од јадро на навивачи кои сами се финансираат и му пркосат на модерниот фудбал. Заснован е на принципите на минатото, кога фудбал се играл за луѓето, а не за милијардерски профит.
„Се уморивме, гласи нивниот манифест. Од Серија А, од шампионати без изненадувања, од рангирања правени според тв правата, од интриги, од натпревари на секои три дена, од мечеви помалку спектакуларни, од фудбал без паузи“.
„Се работи за силен играч се разбира, но не се вклопува во нашиот концепт од аспект на човековите карактеристики“, се пошегуваат од клубот минатиот месец, кога се појави веста за “преговорите“ со Борха.
„Како ми можеле да бидеме заинтересирани за искрен, чувствителен, скромен, интелигентен човек, поврзан со дресот што го носи. Свесен дека кога игра претставува заедница. Но кој знае, во наредните неколку денови можеби ќе имаме прилика да му објасниме кои сме и што би значело за нас и за него да го носи дресот на Лебовски“.
Но колку и да им изгледал неговиот ангажман научна фантастика, сепак го погодија вистинскиот човек за дел од еден таков проект.
„Ме потсеќа на времето кога играв како дете во предградието на Мадрид. Го прифатив предизвикот бидејќи се препознавам себеси во вредностите што ги носат овие момци. Бев убеден дека ќе играм уште една сезона за Фиорентина, сигурно не за пари или за кој знае што. Можев да им помогнам“, изјави 36 годишниот Валеро.
Договорот го потпишал во позната пекара во јужниот дел од Фиренца. Инаку се работи за клуб кој има силна врска со луѓето од тој дел со топли навивачи, збратимени со оние на Келн.
„Видов ентузијазам, организација и пред сè ги препознав вредностите на Лебовски, почнувајќи од она што го направија во Сан Фредиано за да ја оживеат градината Нидиачи. Да им се даде можност на сите деца од соседството да играат, да се забавуваат и научат без вознемиреност да доживеат еден прекрасен спорт што ја губи својата хуманост“.
Единствените обврски на Шпанецот во Серија А е ангажманот како експерт за ДАЗН, а за останатото ветува дека ќе стори сè за да му помогне на клубот и му стои на располагање на тренерот ако му е потребен некој совет.
И тоа не е сè од Борха. Тој е дел од навивачите и на терен и на трибини.