Корона вирусот тотално го усложнува одржувањето на спортските настапи и кај нас, а најголемото внимание на спортската јавност е свртено кон историското полуфинале на Македонија против Косово во рамките на Лига на нации.
Министерот за здравство, Венко Филипче соопшти дека владата донесе забрана за присуство на гледачи на сите спортски настани во Македонија, во наредните 30 дена. Тоа го опфаќа и мечот Македонија – Косово.
Но и да го игра тој меч, македонската фудбалска репрезентација би се соочила со поголем проблем, а тоа е доаѓањето на тројцата македонски репрезентативци кои настапуваат во Серија А. ФФМ поради тие причини ќе бара одложување на натпреварот.
„Фудбалската федерација на Македонија се соочува со крупен проблем, а тоа е доаѓањето на тројцата наши репрезентативци Горан Пандев, Елиф Елмас и Илија Несторовски. Според мерките на државата за заштита од корона вирусот, по евентуалното пристигнување од Италија во Македонија, тие мора да бидат во карантин 14 дена. Со сличен проблем се соочува и Косово кој има фудбалери кои играат во земји каде е раширен вирусот. Од тие причини решивме да испратиме допис до УЕФА за одложувањето на мечот“, ни изјави портпаролот на ФФМ, Златко Андоновски.
Покрај ова трио без кое незамисливо е Македонија да го одигра еден од најважните натпревари во историјата, проблем претставува и Стефан Спировски кој стапува во Израел. Оваа земја пак денеска одлучи да го стави во карантин секој што влегува во нејзе, што значи тој и да пристигне ќе има проблем за назад.
Инаку ФФМ ги пушти картите за мечот на 3 март и успеа да ги продаде за само три дена. Но со оглед на тоа што владата донесе забрана, тоа значи дека парите на сите што купиле биле, ќе им бидат вратени назад.