„Моето презиме беше сон за насловните страни“, рече напаѓачот Виктор Понеделник кој со гол во финалето на ЕП 1960 го најави славниот понеделник за советскиот народ.
Човекот со необично презиме воопшто не добил повик за репрезентација на неколку недели пред стартот на ЕП 1960. Го заработил откако постигнал хет-трик на пријателска против Полска.
На првиот еврошампионат кој се одиграл со само четири земји учеснички дал гол и во полуфиналето против Чехословачка, но најмногу се памети неговиот петти репрезентативен гол.
Седум минути пред крајот на судиското продолжение при резултат 1:1 против Југославија на Паркот на принцовите, 23 годишниот Понеделник го решил финалето со глава.
Мечот почнал во недела во 22:00 по руско време и веќе по 120 минути фудбал било полноќ или во основа понеделник, па презимето било како кец на десетка за насловните страници.
Неговото презиме всушност датирало од 19 век кога царот Александар Втори го укинал кметството во Русија. Имињата на поранешните кметови биле запишани во книга, но пијан службеник ги измешал колоните и наместо семејното презиме, тој го напишал првиот ден од неделата. Така започнала династијата Понеделник.
Предците на Виктор Понеделник се населиле во Ростов Дон, каде тој се родил во 1937-ма. Имал 4 години кога градот за прв пат бил нападнат за време на Втората светска војна.
„Се пукаше низ цело место, многу луѓе загинаа. Успеавме да го фатиме последниот воз, но немавме време да земеме лични работи“, раскажува тој.
Пред да се врати дома остатокот од војната го поминал во Тбилиси. Таму имал огромен прогрес откако ја започнал кариерата на 19 години во Фк Ростселмаш, тим на работници од фабрика за комбајни. Клубот играл во четвртото ниво во системот на Советската лига, но неговиот напаѓачки талент сепак бил привлечен и во репрезентацијата.
Непосредно пред неговиот 21 роденден, во 1958-ма станал прв играч од пониската лига повикан од Советскиот сојуз, а наскоро стигнал и до прволигашки ранг и му се приклучил на армискиот тим СКА. Во деби сезоната им помогнал да завршат четврти во својата и бил импресиониран што е избран да ја претставува својата земја на првото Европско првенство.
Триумфот на ЕП во Франција ја донел и првата награда, па така секој репрезентативец на Советскиот сојуз добил по 200 американски долари. Биле повикани на Ајфеловата кула на прием на кој бил и претседателот на Реал Мадрид, Сантијаго Бернабеу.
„Тој без двоумење беше подготвен да купи половина од нашата селекција. Лев Јашин, Валентин Иванов, Игор Нето, Слава Метревели, јас, но ги избегнавме тие разговори“, раскажал Понеделник.
Тој бил еден од тројцата играчи од тој состав заедно со Нето и Јашин кои настапиле и на следното финале против Шпанија во 1964-та.
Две години подоцна се пензионирал на 29 години откако не успеал да се опорави од операцијата на слепо црево. Никогаш не освоил трофеј, но сепак 20-те гола на 29 репрезентативни настапи го обезбедиле неговиот статус на легенда.
На крајот ги следел стапките на неговиот татко и станал почитуван новинар и автор. Потоа бил редовен гостин на стадионот Ростов, каде од 2015-та стои статуа на која го држи трофејот Анри Делоне.
Сликата на која го постигнува победничкиот гол на финалето 1960 е врежана засекогаш во руските глави, за што ќе добие и многу почесни награди.