Реал Мадрид го освои 95. трофеј во историјата - да ја стигнат Барселона им треба уште еден

Карло Анчелоти го предводеше „кралскиот клуб“ до првиот пехар сезонава. Во финалето на шпанскиот Суперкуп во Саудиска Арабија, Реал Мадрид го совлада Атлетик Билбао кој втора година по ред останува без овој вреден трофеј.

РЕАЛ МАДРИД СЛАВЕШЕ НА 12 ОД ПОСЛЕДНИТЕ 13 ФИНАЛНИ СРЕДБИ ВО СИТЕ НАТПРЕВАРУВАЊА!

Лидерот во шпанската Ла Лига го отвори резултатот преку Лука Модриќ кој во 38' минута постигна преубав погодок. 36-годишниот Хрват игра во одлична форма. Претседателот на Реал Мадрид Флорентино Перез изјави дека Лука треба да ја освои и втората „Златна топка“ во кариерата.

На стартот од вториот дел веќе во 52' минута Бензема зголеми на 2-0 од пенал досуден по играње со рака на одбранен фудбалер на Баскијците.

Пред крајот од мечот Атлетик Билбао можеше да ја врати неизвесноста од мечот, но пеналот поради играње со рака на Милитао кој доби црвен картон, го одбрани Тибо Куртоа со нозе.

На крајот конечни 2-0 за Реал Мадрид кој го освои шпанскиот Суперкуп и на тој начин стигна до неверојатни 95. освоени трофеи во историјата. Барселона има 96 и трката по пехари продолжува. Интересно, Каталонците имаат 13 пехари во Суперкупот, Реал 12.

„Кралевите“ победија и на 12 од последните 13 финални натпревари во сите натпреварувања, меѓу кои и три Суперкупа: во 2017 во два меча ја совладаа Барса, а во 2020 на пенали Атлетико Мадрид. Сега со 2:0 го урнаа Атлетик Билбао.

Во вториот дел на терен влезе и ветеранот Марсело кој сезонава почесто е на клупата што поради фантастичниот Ферлан Менди, што поради нешто послабата форма на Бразилецот.

Но, Марселона го израмни неверојатниот рекорд на Пако Хенто по бројот на освоени трофеи во дресот на Реал Мадрид - и двајцата имаат по 23.

Од актуелната генерација фудбалери на Реал Мадрид, Начо и Модриќ имаат по 18 трофеи. Хрватот во Мадрид дојде во сезоната 2012/2013 така што сите пехари ги освои во десет сезони.  А со 36 години и 4 месеци Лука стана вториот највозрасен стрелец во историјата на Реал Мадрид. Пред него е само Амансио кој дал гол на 36 години и 5 месеци.

17 јануари 2022 - 09:39