Сеќавање на ЕП 1984

Првата титула на Франција на чело со лидерот Платини

Седмото Европско првенство Мишел Платини го искористи да стане недостижен стрелец на Европските првенства се до пред два дена. Со таа разлика што Платини сите 9 гола ги постигна на едно, а Кристијано Роналдо на четири ЕП.

По ЕП 1980, одиме со случувањата од Европското во Франција кое се одигра во 7 градови во периодот од 12-ти до 27-ми јуни 84-та. Форматот остана со 8 репрезентации со таа разлика што беше воведено полуфинале, а отфрлен беше мечот за трето место.

Франција се падна во силна група со Белгија, Данска и Југославија на кои им се закани пред се со силен среден ред составен од Мишел Планити, Ален Жирес, Луис Фернандез и Жан Тигана. Во групата имаше играчи од типот на Енцо Шифо, Нико Клаесен, Михаел Лаудруп, Алан Симонсен (најдобар играч во Европа во 1997-ма) Франк Арнесен, Мортен Олсен, Драган Стојковиќ и Златко Вујовиќ.

На првиот меч домаќините отворија со победа против Данска со првиот гол на Платини. Средбата мина и со еден несреќен момент за Симонсен кој пред паузата ја скрши ногата. На другиот меч Белгија – Југославија 2:0.

Второто коло донесе поголема возбуда и вкупно 10 гола на двете средби. 51.000 домашни навивачи уживаа во Нант додека Франција го полнеше голот на Белгија. 5:0 беше конечниот резултат и хет-трик за Платини. Данска со идентичен резултат ја декласираше Југославија.

Во третото коло интересно повторно беа идентични резултатите. Данска – Белгија 3:2, Франција – Југославија 3:2 и нов хет-трик на Платини. Французите со 3 од 3 и гол разлика 9:2 во финале се сретнаа со Шпанија која беше прва во групата 2 со ист број на бодови со Португалија, но со подобра гол разлика. На трето и четврто место завршија и Западна Германија и Романија.

Полуфиналето меѓу Шпанија и Данска заврши 5:4 за Шпанците на пенали. На другото полуфинале Французите беа во водство 50 минути, но во 74-та Руи Жорадо израмни за продолженија на мечот. Португалија во 98-ма направи пресврт, но драмата и припадна на домаќинот кој најпрво преку стрелецот на првиот гол Жан Франсоа Домерг израмни на 2:2 во 114-та, а во 119-та победата ја донесе кој друг ако не Платини.

Деветтиот гол на Платини падна во финалето против Шпанија од слободен удар, по што Бруно Белон ги постави конечни 2:0 за прва Европска титула на Франција. Втората ја освоија во 2000-та.

8 јули 2016 - 16:09