Каталонските дресови на Барселона
Челниците на Барселона имаа желба да ги носат боите на Каталонија на своите дресови, па оваа година за гостинска комбинација се одлучија да носат црвено-жолти дресови. И се покајаа. На пет натпревари на кои ги носеа овие дресови, тие немаат ниту една победа и забележаа три нерешени и два порази.
Најверојатно ќе го разбијат малерот во петок кога во шпанскиот куп му гостуваат на нисколигашот Картагена.
Црвените дресови на Наполи
Оваа сезона Пандев на гостувањата носи жолт дрес, но од 2007-та до 2009-та фудбалерите на Наполи повремено носеа црвени дресови. Кога гостуваа со црвената комбинација, Наполи не победи ниту еднаш, два пати ремизираше и загуби шест пати во Серија А. Со овие дресови тие загубија дури и на пријателски натпревар против третолигаш.
Дресовите беа укинати со петиција од страна на навивачите кои сметаа дека црвената боја не е дел од историјата на клубот.
Јубилејните дресови на Бреша
Во 2001-та година Бреша прослави 90 години од постоењето и по тој повод фудбалерите облекоа златни дресови. Резултат: загубија со 5:0 од Лацио, а по неколку денови Комо ги елиминираше од купот. Дресовите набргу беа укинати.
Десет години подоцна, за да се одбележи 100 годишниот јубилеј на клубот, Бреша реши да го смени дизајнот на дресот, но да ги задржи боите. Таа сезона испаднаа во Серија Б.
Црно-жолтите дресови на Челси
Во сезоната 2009/2010 под водството на Карло Анчелоти, фудбалерите на Челси до нова година остварија 20 победи, 3 нерешени и 4 порази. Што беше заедничкото за овие 4 порази? На овие натпревари фудбалерите носеа црно-жолта комбинација.
Навивачите се побунија и Челси ги замени овие дресови со бели.