„Процепот“ кој ја спаси Германија на Светско првенство

Германија одигра нерешено со Шпанија (1:1). Германците први примија гол, но измените на Ханси Флик внесоа живост во играта а резервистот Никлас Фулкруг со погодок донесе бод и ги спаси од рана елиминација. За Германија интересно ова беше прв гол од измена после златниот на Марио Геце во финалето 2014.

Ако некое студио се реши да снима документарец за ликови од Светско првенство 2022, меѓу нив треба да биде сигурно и 29-годишниот центарфор на Германија, Никлас Фулкруг.

Хроничниот проблем со класични центарфори на германската фудбалска репрезентација како да се реши на овој Мундијал.

КОЈ Е ЈУНАКОТ НИКЛАС ФУЛКРУГ, НАЈДОБРИОТ ЦЕНТАРФОР ВО БУНДЕСЛИГА ВО МОМЕНТОВ?

Фулкруг е дете на Вердер Бремен и многу го сака овој клуб. Во 2006-та година, кога имал 13 години, Никлас дошол да тренира во школата на некогашниот сензационален германски шампион.

После неколку години со пионери, кадети и младинци, Никлас добил шанса да игра за сениорите, но поради првата сериозна повреда кога скинал лигаменти и уште некои други повреди, во летото 2014-та заминал за Нирнберг во трансфер вреден 300.000 евра.

После следел престој во Хановер. Во 2017/2018 стручниот штаб на тогашниот селектор Јоаким Лев го следел шпицот со цел да го викне за репрезентација. Во тој период Никлас Фулкруг дал 14 гола во Бундеслига.

Но во следната сезона 2018/2019 во првите 15 кола имал само 2 гола и 1 асистенција, паднал во форма и после нова повреда бил отсутен пет месеци.

Хроничната повреда на коленото поради која пропуштал по 5-6 месеци во сезоните 2012/2013 (втора година во професионален фудбал), 2014/2015 и 2015/2016. Во 2018/2019 Хановер испаднал во втора лига, па Никлас се вратил назад во Вердер Бремен.

После пар погодоци и асистенција, малерозниот центарфор само што помислил дека се враќа во форма, го следела уште една тешка повреда, овојпат менискусот на левата нога. Нова пауза од 8,5 месеци. Во 2020/2021 Вердер за првпат после 40 години испадна од Бундеслига.

И во најтешкото време за Вердер, Никлас во тандем со другиот центарфор Марвин Дукш постигнаа вкупно 39 гола во сезона. 

Од тој момент станал баран играч во Германија, иако уште играл во втора Бундеслига. Тој стандардно давал голови и во прва и во втора (сезонава во прва има 10 гола и е втор стрелец зад Нкунку кој има 12).

Тој важи за доста спретен играч кој знае одлично да се позиционира така што повисоките дефанзивци имаат проблем со него. Интересен статистички податок: сезонава Никлас дава гол или на почеток или на крај на меч во последните минути. Голот против Шпанија вреден златен бод го даде дури во 83’ минута од мечот како совршен џокер од клупата.

Во кариерата дури 26 гола дал од 76-та до 90-та минута и 10 од 0 до 15-та минута. Неговата одлична форма сезонава во Вердер Бремен придонела да добие повик за репрезентација, првпат во кариерата и тоа за големото Светско првенство!

ЗА НЕГО ЛОБИРАЛЕ МАТЕУС, ШВАЈНШТАЈГЕР И КРОС

Никлас Фулкруг никогаш претходно не играл за Германија. Имал по некој настап за младинските и јуниорските селекции (играл заедно како млад со Антонио Рудигер).

Годинава тој бил практично кандидат од народот. За негов повик во репрезентација беа легенди на германскиот фудбал, соиграчи од Вердер и обични навивачи.

Главен негов пи-ар беше Лотар Матеус. Тој на секои пар недели преку медиумите апелирал Никлас да се викне на Мундијал. „Не мислам дека Ханси Флик е слеп. Тој прекрасно ја гледа силата на Фулкруг. Никлас е очигледен претенденд за место во составот“.

Исто и Швајншајгер апелирал. „Многу добар играч е. Многу голови дава зошто е ладнорквен пред голот и ми се допаѓа неговиот атлетизам“. Идејата за шпицот на Вердер да биде меѓу патниците во Катар ја поддржал и Тони Крос, веќе неколку години најдобар германски фудбалер.

„Стручниот штаб мора сериозно да го разгледа Фулкруг. Во ваква форма тој мора да игра на Светско првенство“. Голема поддршка човекот кој со години се намачил со повреди добил и од неговиот партнер од нападот во Вердер, Марвин Дукш.

„Тој одлично ги завршува шансите, силен е во воздух, одлично шутира со двете нозе, понекогаш на тренинг изгледа како послабата лева нога дури и да му е посилна од десната. Техничар е, го гледа теренот, знае да проигрува. Најдобар напаѓач во Германија е во моментов. Заслужи награда за топ формата“.

 На крајот Ханси Флик ги послушал советите. Германскиот селектор уште пред да го повика Фулкруг на списокот рекол: „Ми се допаѓаат играчи како Фулкруг. Јасен е неговиот стил. Сега е во одлична форма како и уште неколку играчи во Бундеслига. Секој од нив може да се најде на конечниот список од 26 играчи“.

На анкетата на популарниот магазин Kicker на прашањето „Треба ли Флик да го вклучи Фулкруг на список“? гласале повеќе од 290.000 луѓе. 73% рекле треба. Како ли се чувствувале сите тие кога Никлас даде гол за голем бод против Шпанија кој на крај би можел лесно да значи и пласман понатаму за Германците.

ГО ЗАВИКАЛЕ „ПРОЦЕПОТ“ ПОРАДИ ЈАЗОТ МЕЃУ ЗАБИТЕ

Кога Вердер во 2019-та го вратил Никлас во свое гнездо, трансферот на Твитер профилот го објавиле со фотографија од омилениот фудбалер на навивачите, односно само од неговите заби па навивачите знаеле за кого станува збор од прва.

Прекарот му го дал некогашниот шпиц на Вердер Бремен, Марко Арнаутовиќ. 

А самиот Никлас за „процепот“ вели дека не му смета.

„Луѓето кои ме знаат викаат дека тоа е моја најдобра црта. Со жена ми се знам уште од школо, ме засака баш таков, со јаз меѓу забите. Ако тоа е нејзина норма, значи и мене ми е добро“, се смее јунакот на Германија и продолжува:

„Носев протези, па јазот стана само поширок. Сега таму има место за два импланти. Мжно е некогаш да посакам да ги исправам забите. Можно е уште утре ако ме фати инспирација“.

Инаку тој негов процеп има историја. Уште кога играл на јуниорски турнири, Никлас во еден дуел со противнички фудбалер скршил заб.

„Чудно е што многу луѓе не веруваат во тоа. Тоа беше многу опасно поради инфекција од бактерии, после двајцата лежевме во болница. За среќа без последици“, вели центарфорот кој сака со уште голови да ја радува Германија која во последното коло против Костарика ќе биде голем фаворит за победа и пласман понатаму.

Никлас е вљубен во неговиот Вердер Бремен и сака таму да остане. Sport Bild пишувал дека има клаузула во договорот за огромна петоцифрена сума бонус ако заигра за репрезентација.

28 ноември 2022 - 10:11