Пример за господски однос доаѓа од Шкотска

Ренџерс едвај со 3:2 го совлада второлигашот Партик Тисл и се проби до четвртфиналето на Купот на Шкотска. Овој натпревар ќе се памети по фер плеј потегот на сезоната кој го направи тренерот на „ренџерите“ Мајкл Бил.

Во 71’ минута од мечот, при резултат 1-1 трофејниот клуб од Глазгов на нефер начин стигна до пресврт затоа што Малик Тилман безобразно одзеде една топка на противничките играчи кои сакаа да му ја вратат на ривалот после еден прекин, а тој им даде гол ко ништо да не било.

Овој неправеден и безобразен потег со право ги разбесни фудбалерите на второлигашот кои го нападнаа Американецот кој во Ренџерс е на позајмица од Баерн Минхен и сакаа да го истепаат.

После целата гужва реагираше младиот тренер на Ренџерс, Мајкл Бил кој побара од своите фудбалери да ги пуштат гостинските играчи да израмнат 2:2 во нивната прва следна акција.

Тренерот на Партик, Јан Мекл веднаш дојде и џентлменски му честиташе на тренерот на Ренџерс кој ја воодушеви фудбалската јавност.

До крајот од мечот Ренџерс постигна гол за 3:2 и победи а Мајкл Бил сигурно ќе добие награда за фер-плеј на сезоната. Голем господин.

13 февруари 2023 - 09:31