Навивачите, новинарите и соиграчите го викаа Бам Бам, прекар кој со негово знаење му го дал шпанскиот новинар Хуан Каталдо Спиноза, а кој инспирација за тоа добил во посвоениот син на Барни и Бети од цртаниот филм Каменковци (Флинстоунс).
Приказната за животниот пат на Иван Заморано не се разликува многу од оние за сиромашните деца кои боси трчаат низ прашливите игралишта во Јужна Америка. Роден е во сиромашно семејство во Сантиаго, како најстарото дете на Луис и Алисија Заморано.
Кога Иван наполнил три години, семејството решава да се пресели во помалиот град Вилја Мексико, сместен во регионот Маипу. Уште во училишните денови, Заморано се разликувал од соучениците по талентот за спорт. Смртта на татко му кога Иван имал 13 години уште повеќе ја разгорела желбата во него да игра за најголемиот чилеански клуб Коло Коло, што бил воедно и аманет оставен од татко му.
Како дете почнува во локалниот тим Бенито Хуарез и тоа како стопер. Го наместиле да игра позади, но кога виделе какво чувство за гол има и дека топката го влече напред, тренерите го преселиле на правата позиција. На 16 години станал играч на познатиот клуб Кобресал, а од првата плата која му изнесувала 10 долари конечно можел да си приушти модерни фармерки.
Целата земја слушнала за него кога како позајмен играч во второлигашот Кобреадињо постигнал 27 голови на 29 натпревари и ја внел екипата во елитната прва лига. Како зрел играч се враќа во Кобресал на кој во 1987. година ќе му го донесе пехарот во Купот на Чиле.
Гласот за Заморано стигнал и до Европа, а откако Болоња не сакала млад и неискусен напаѓач, Заморано заминал во швајцарскиот Сент Гален. Швајцарија му била само отскочна даска, затоа што тренер на Севиља во тоа време бил Чилеанецот Висенте Кантаторе кој не жалел пари да го потпише миленикот на нацијата. За две години во Севиља, Иван Заморано ќе постигна 21 гол и со репутација на расен стрелец ќе се појави на најголемата фудбалска светска сцена: Сантијаго Бернабеу во Мадрид.
Трансферот во Реал го одбележала и една анегдота. Целото семејство се собрало во домот на Заморано во Чиле за венчавката на сестра му кога заѕвонил телефонот. Се јавил Иван и кога менаџерот му пренел дека станал фудбалер на Реал Мадрид, сите заборавиле на венчавката и тргнале да слават со него.
Во Реал Мадрид го освои Кралскиот куп, а на Бернабеу остана запаметен по хет-трикот против Барселона кога Кралевите славеа со убедливи 5-0 во сезоната 1994/1995. Бам Бам Заморано таа сезона постигна дури 28 голови по што ја доби наградата Пичичи за најдобар стрелец во Ла Лига, како и наградата за најдобар странски играч. Во татковината веќе го сметаа за Бог.
Врвот на кариерата, Иван Заморано го доживеа на Сан Сиро како играч на Интер. Соблекувалната и нападот го делеше со Маурицио Ганц, а подоцна и со чудесниот Роналдо. Токму Заморано ќе биде најзаслужен за трофејот во Купот на УЕФА, што Интер го освои по победата над Лацио од 3:0.
Следната сезона во Интер стигна малиот Буда, легендарниот Роберто Баџо за кого беше предвидена 10-та, Роналдо ја носеше 9-та, така што Заморано се појави на теренот со дресот на кој стоеше 1+8.
„Роналдо го загуби финалето на Мундијалот 1998. година, сите знаеме што го пратеше со тешката повреда. Бевме добри другари и одлучив кога дојде Баџо да му ја отстапам деветката на Роналдо од жал за неуспехот во Франција", ја раскажа Заморано подоцна целата приказна околу фамозниот дрес 1+8.
Како што беше редот, на крајот го исполни сонот на неговиот татко и го облече дресот на Коло Коло, но таму заврши неславно. Во финалето на чилеанската Апертура, Заморано го нападна главниот судија кој свирна очигледен офсајд. По мечот, Бам Бам доби суспензија од 16 натпревари, така што реши да ја заврши кариерата. Еден е од најзаслужните што Чиле играше на големо натпреварување во Франција 1998. година после цели 18 години и стигнаа до четвртфиналето каде испаднаа од Бразил. На Олимпијадата во Сиднеј 2000. година, Заморано го одведе Чиле до бронзениот медал.
Во моментов има неколку сериозни градежни компании и неговото богатство се проценува над 80 милиони долари. Оженет е со аргентинскиот модел Мариа Алберо со која од 2006. година има ќерка.