Приказна за голманот на Египет кој брани на 45 години

Татко му имал пристојна работилница и секој ден му трубел или да седне да учи или да помага со работата. Ама малиот Есам сакал само едно нешто да брани и тоа да брани без ракавици.

Есам Ел Хадари има 45 години и 5 месеци. Тој застана на голот на Египет на мечот против Саудиска Арабија и го сруши рекордот на Колумбиецот Фарид Мондрагон кој на Светското 2014 бранеше на 43 години и 3 дена.

Притоа Ел Хадари одбрани пенал во првото полувреме.

Ел Хадари е постар дури и од тројца селектори на Мундијалот - Алиу Сисе (Сенегал), Младен Крстаиќ (Србија) и Роберто Мартинез (Белгија).

***

Првпат за репрезентацијата Ел Хадари бранел во 1996 година - 10 месеци пред да се роди Рамадан Собхи со кого сега се заедно во репрезентацијата на Египет.

„Играв со три поколенија фудбалери. Оваа генерација е одлична. Имам 45 години но со нив се чуствувам како да имам 20“, изјави Ел Хадари во едно интервју пред Светското.

Интересно, Ел Хадари на Светското за малку ќе играше со својот зет. Минатата година ќерка му се верила со репрезентативецот Махмуд Абдел Монејм но односот им се растурил за помалку од два месеци кога се дознало дека фудбалерот паралелно се среќавал и со една египетска глумица.

4-ти на свет по бројот на средби за репрезентацијата

Присуството на Ел Хадари во репрезентацијата не е само благодарност за минатите успеси, туку тој реално може да помогне.

Пласманот на Египет на Светско ќе се памети по едно: Мохамед Салах се спушти од небесата и постигна злато вреден гол на решавачкиот меч со Конго во 95’ минута. Но таквиот епилог немаше да има вредност ако не беа одбраните на Ел Хадари.

За репрезентацијата Ел Хадари бранел 156 пати - од голманите повеќе имаат само Буфон, Касиљас и Мохамед Али Деаи од Саудиска Арабија (тој ја заврши кариерата во 2006). Есам често го нарекуваат најдобар голман во историјата на Африка. За 25 години кариера тој освоил дури 37 трофеи од кои - 4 победи на африканскиот Куп на Нации, 4 во африканската Лига на шампиони и 8 во титули во египетското првенство.

Ел Хадари беше лидер на златната генерација египетски фудбалери (Мохамед Зидан, Ахмед Хасан и други) кои три пати по ред го освојуваа Купот на Африка (2006, 2008 и 2010).

На сите три победнички турнири Ел Хадари го одбраа за најдобар голман. Тој уште ја држи рекордната серија без примен гол на Африканскиот Куп на нации - 10 часа и 53 минути.

Со Купот на Африка е поврзан и најдобриот момент во кариерата на Ел Хадари. На 10 февруари 2006 година Египет на пенали го победи Брегот на Слонова Коска а Ел Хадари одбрани два удари: прво на Дидие Дрогба а потоа на Бакари Коне.

После две години Дрогба се заинтересирал за Египќанецот и го прашал дали сака да се пресели во Европа а после пола година Дрогба изјави дека тоа е најдобриот голман против кој играл во кариерата.

Криел од татко му дека игра фудбал, до игралиштето трчал по 7 километри

Ел Хадари се родил во градот Кафр ал Батих во северен Египет. Местото е познато не по овошје и зеленчук, туку по дрвен мебел. Татко му на Есам имал мала работилница и цело време го прекорувал син му: или седни учи или помагај во работава.

Но Есам го одбрал фудбалот.

Кога наполнил 17 години отишол да игра во клубот Думјат во втора лига. Цела година криел од татко му дека тренира и брани за професионална екипа. За да стигне до тренинг базата тој трчал по 7 километри во еден правец.

Уште на првиот тренинг во Думјат виделе дека има талент за голман. Бил на проба а веќе следниот ден им кажал дека сака да брани само со голи раце без ракаваци. Во 1993 година Ел Хадари дебитирал за првиот тим на Думјат и скоро го викнале за репрезентацијата. Тогаш немал сопствена кола па на првиот тренинг го возел комшијата со постаро „Пежо“.

После две години снажниот Есам Ел Хадари потпишал договор со славниот Ал Ахли од Каиро, еден од најголемите клубови во Африка. Таму останал неверојатни 12 години, бранел на 510 натпревари а дури и дал еден прекрасен гол:

Во Европа отишол да брани на 35 години

Есам сакал да оди преку границите на Египет и покрај тоа што веќе бил во позни фудбалски години.

„Тоа се само бројки. Јас ќе направам сè за да останам на врвот“, изјавил во пролетта 2008 година кога од Египет се преселил во швајцарскиот Сион.

Ал Ахли не го признавал трансферот а бесните навивачи дури барале Ел Хадари да го исфрлат од репрезентацијата. Но тоа не се случило - Швајцарицте платиле 300.000 евра за Ел Хадари.

Но радоста кратко му траела затоа што ФИФА направила проверка на документите и видела дека Есам го прекршил договорот со Ал Ахли. Го суспендирале 4 месеци а Сион морал да плати казна од 900.000 евра.

После таа непријатна епизода Ел Хадари се вратил во Египет, сменил пет разни клубови а денес игра во првата лига на Саудиска Арабија.

На Светското брани во чест на татко му

„Татко ми кој е веќе починат ми кажа дека негова најголема желба е да види како бранам на Светско првнество. Сега му ја остварив таа желба и сакам тој да биде горд на мене. Освоив се што можев, имам 37 пехари. Имаше и луди натпревари како на пример победата над Италија на Купот на Конфедерациии 2009 година. Долго време чекав само едно: да го видам Светското првенство. Среќен сум што се најдов на списокот играчи кои дојдоа во Русија. Затоа ова е моја порака за сите луѓе во светот: верувајте во своите желби и борете се за да ви се исполнат“.