Прекинато најголемото холандско дерби поради нереди на „Јохан Кројф Арена“

Дер Класикер, дербито меѓу Ајакс и Феенорд на стадионот во Амстердам беше прекинато во 44’ минута откако гостите водеа убедливо со 0-3, па гневните домашни навивачи не можеа да издржат понижување и направија хаос.

Долгата доминација на Ајакс веќе некое време е прекината во Холандија. Феенорд минатата сезона ја освои шампионската титула, а веќе неколку натпревари клубот од Ротердам веќе не е лесен плен за Ајакс како што беше долго време.

Со головите на Хименез во 9-та и 18-та минута и Игор Паишао во 37-ма минута Феенорд водеше 0-3. Тоа ги разгневи домашните навивачи кои во 44’ минута фрлаа бакљи на теренот па судијата го прекина мечот. 

Некои навивачи се обиделе и да влезат во клупските простории па обиле неколку врати. Главниот судија во консултации со делегатите, полицијата и луѓето од федерацијата, решил во целост да го прекине натпреварот.

Денес во понеделник треба да се одлучува дали ќе се преигра или натпреварот ќе биде регистриран со службен резултат 0-3 за Феенорд.

Надвор од стадионот хулиганите се судриле и со полицијата.

АЈАКС Е ВО ГОЛЕМА КРИЗА, ОБНОВЕНИОТ ТИМ ИМА ОЧАЕН СТАРТ

Во меѓусезоната летовот Ајакс продаде играчи во Премиер лига и заработи околу 150 милиони евра но и самиот потроши 109 милиони евра за нови засилувања.

Управата е исто обновена по заминувањата на Марк Овермарс и Едвин ван дер Сар.

Но проблемите од минатата сезона останаа. Ниту новиот тренер на „копјаниците“ нема контрола над ситуацијата па Ајакс уште во прво коло до 75’ минута имал нерешен резултат со Хераклсес но до крајот славел убедлив триумф 4-1 против нерамноправен ривал и тоа ги замаскирало недостатоците во играта.

Во следните три меча (сите на гости) Ајакс освоил само два бода. Во Лига Европа падна во група со Марсеј, грчки АЕК Атина и Брајтон. Во 1. коло од ЛЕ Амстердамци одиграа 3:3 против Марсеј.

Ајакс има само една победа на 4 меча што не се случило долго време во холандска Ередивизија.

Ајакс во неделата го отпуштил спортскиот директор Свен Мислинтат кој дојде во мај месец во клубот, беше претставен на голема врата како спасител со оглед на неговото реноме од Арсенал и Борусија Дортмунд.

Во средината на минатата недела, сајтот Voetbal Internaional пишал дека Мислинтат е привремено отстранет и нема да се појави на дербито со Феенорд. 

Избил конфликт на интереси затоа што Мислинтат бил главен акционер во фирмата Matchmetric GmbH а 3% од оваа компанија држи германската менаџерска агенција AKA Global чиј клиент е хрватскиот лев бек Борна Соса.

Ајакс на барање на Мислинтат дал 8 милиони евра за Борна Соса кој дојде од Штутгарт каде Свен беше спортски директор до пред неколку месеци. Од Ајакс сметале дека Соса не дошол воопшто да го засили тимот . Изданието NOS пишувало дека управата на Ајакс направила интерна истрага за трансферот.

Холандските медиуми пишуваат и дека Мислинтат бил против новиот тренер Морис Штејн. Пред мечот со Марсеј на главниот тренер му било поставено прашање за спортскиот директор но тој го избегнал. Иако причините за незадоволство се очигледни поради слабиот старт на сезоната, па логично е и тренерот Штејн да биде одговорен за кризата.

Според пишувањето на De Telegraaf, отстранетиот директор Мислинтат на крајот од минатата недела упаднал во тренерската соба на Ајакс и во други канцеларии и ги запрепастил присутните со однесувањето, се жалел дека нема поддршка и имал заканувачки тон. Поради тоа добил отказ.

Ова е втор спортски директор кој прави проблеми во Ајакс. Претходно Марк Овермарс со кого клубот за волја на вистината бележеше сјајни резултати и стигна до полуфинале на Лига на шампиони, беше отпуштен во февруари 2022-ра поради пријава за неумесно однесување и сексизам кај жените вработени во Ајакс.

Овермарс во меѓувреме отиде во белгиски Антверпен каде исто ја врши функцијата спортски директор, а овој клуб неочекувано стана шампион на Белгија и за првпат во историјата заигра во групна фаза на Лига на шампиони.

Во Холандија постои дебата дали Ајакс - Феенорд да се доигра од моментот на прекин, но календарот и на двете екипи е преполн така што најблиска можност е на 1. ноември.

Ајакс до тогаш има два меча во септември со Волендам и РКЦ Валвејк, во октомври ги има АЕК и Брајтон во Лига Европа, АЗ Алкмар и ПСВ (стартуваше тимот од Ајндховен со 5 победи на 5 меча) и Утрехт во првенство.

Ајакс во моментов е на 14-то место и само 2 бода го делат од зона за испаѓање, а календарот им е се посложен и посложен.

25 септември 2023 - 09:58