Како грчка трагедија беше тенискиот меч на теренот број 18 на Вимблдон, предвиден за нешто послабо рангирани тенисери и за гледачи кои не нашле карти за Централниот терен дента.
Џон Изнер во тој момент беше 19-ти тенисер на светот, познат бомбардер со сервиси какви ретко кој може да ги брани. Висок два метри а сепак добар играч на мрежа и физички подготвен за напорни натпревари.
Од другата страна на мрежата Николас Мау, талентиран француски тенисер кој беше неизоставен дел од сите големи турнири, кој знаеше да им замрси сметки на фаворитите но и тенисер кој после овој меч психолошки никогаш не се врати на теренот (во дубл беше сјаен тенисер).
ОД ОБИЧЕН НАТПРЕВАР ДО ГЛАВНА ВЕСТ ВО СИТЕ СВЕТСКИ МЕДИУМИ
Изнер и Мау се сретнаа во првото коло на Вимблдон 2010. Французинот беше 148-ми на АТП листата и оствари голем успех што ги помина квалификациите, па Изнер беше голем фаворит.
Двајцата влегоа на терен неколку минути после 18 часот на 22 јуни. Се изгледаше на еден обичен, секојдневен вимблдонски меч.
Првите сетови на тревникот тргнаа нормално и брзо се завршуваа. Првиот го доби Изнер со 6-4, вториот Мау со 6-3. Веќе третиот сет како да најави необична завршница, го доби Мау во тај-брејк со 7-6 и поведе 2-1 во сетови.
Нов тај-брејк и голема тешка борба и во четвртиот сет, овојпат во корист на Американецот кој израмни на 2-2. Во тој момент беше 21.03 часот, па мечот поради слаба видливост се одложи за утредента.
Петтиот сет започна на 23 јуни во 14.07. Во тој момент трибините беа полу-празни, но лека полека на All England Lawn Tennis and Croquet Club почнале да кружат гласини дека на 18-ка се игра нешто што вреди да се види.
Во решавачкиот сет во кој на Вимблдон се игра поинаку, Изнер и Мау до изнемоштеност освојуваа еден по друг поен.
Играа страшни 7 часа без престан па во 21.10 часот семафорот покажуваше 59-59. Падна ноќ, судијата според правилникот го прекина и одложи мечот за следното утро.
Во тој момент мечот веќе беше најдолг во историјата на тенисот, како според времетрањето така и по гемовите. Во овие седум часа и плус три часа од претходниот ден, се смениле дури и децата задолжени за топчиња (8 тима се смениле).
Судија на мечот беше легендарниот Мохамед Лајани кој и покрај можноста да побара замена, решил да оди до крај со јунаците.
КОНЕЧНА РАЗВРСКА И АПСОЛУТЕН РЕКОРД
Третиот ден од почетокот на мечот, 24 јуни, анонимниот и непривлечен дуел Изнер - Мау стана главна вест на сите светски медиуми. Коментаторите и славни ликови меѓу кои Џон Мекинро бараа мечот да се префрли на Централен терен, но организаторите не попуштиле и се држеле до традицијата па дуелот продолжи на теренот 18.
Продолжи од 59-59 во 15.42 часот и Мау и Изнер стигнаа до 68-68. Двајцата тенисери веќе одамна го надминаа бројот од 100 аса (на крај Изнер имаше 113 а Французинот 103 - поставија нов рекорд, претходниот го држеше Иво Карловиќ кој во полуфинале на Дејвис Куп 2009 против Радек Штепанек удри 78 аса).
Потоа, во еден момент на Мау како да му падна концентрација (а на кој друг не би), па Џон Изнер го тапкаше топчето за да сервира за победа. Во тој момент беше 15.48 часот и Изнер го доби поенот па славеше со конечни 70-68.
На крај хероите завршија после цели 11 часа и 5 минути во три дена. Рекорд којшто тешко некој дека ќе го достигне зошто во меѓувреме се сменија и правилата за решавачкиот петти сет.
Меѓу куриозитетите од оваа страшна партија тенис, Мау морал да сервира дури 53 пати за да остане во мечот, Изнер имаше 4 меч топки (една на 10-9 и две по ред на 32-31 и 59-58).
Вкупно се освоија 183 гема, Мау имаше три брејк топки во целиот меч и никој не можеше да претпостави дека еден сет може да заврши 70-68.
Во второто коло од ова издание на Вимблдон Изнер после преморен и во грчеви изгуби од Холанѓанецот Де Бакер (првиот сет го изгуби 6-0 а во следните два освои вкупно 5 гема). Претходниот рекорд го држеа Французите Фабрис Санторо и Арно Клеман кои на Ролан Гарос во 2004-та година играа 6 часа и 33 минути.
Па ако некој има волја, сила и нерви, еве го целиот натпревар: