Запознајте го Франческо Капуто, партнерот на Берарди во нападот на Сасуоло кој синоќа пукна еврогол. Можеби прв пат и слушате за него, но тој има 21 првенствен гол и сезонава е подобар од ѕвезди како Џеко, Игуаин, Дибала, Инсиње, Ибра и ред други.
Имал толку тежок и ненадежен пат, што денеска за малку ќе бил само анонимус и работник по куќи и згради. На 16 години Франческо веќе бил разочаран и сакал да престане да тренира, затоа што малиот клуб Гросето не сакал да му ги плаќа трошоците во интернатот каде што престојувал.
Тој практично веќе и донел одлука да престане и да почне да работи со татко му кој по професија е ѕидар, но го предомислил неговиот тренер Онофрио Коласуоно.
„Послушај ме и остани уште една година, ќе имаш повеќе шанси, ти ветувам“.
Малиот го послушал, ја завршил сезоната со 14 гола и го однел својот клуб еден ранг погоре. Тоа било само почеток на искачувањето нагоре на скалата.
Следната година заработил повик во Алтамура, исто така еден ранг погоре, но и таму се покажал, постигнал 12 гола и така стасал до Серија Ц2 (трета лига).
Вистината е дека го земале како четврти напаѓач, кој требал да го пополни составот и да чека шанса од клупа, но по само неколку натпревари докажал дека треба да биде првотимец и веќе никој не можел да му го земе местото. Постигнал 11 гола и рефлекторите се вклучиле кон него.
И сега се поставува прашањето, може ли уште ова дете кое од аматерски ранг стигна до трета лига? Може, и тоа многу повеќе од тоа. Скала по скала, Капуто стигна до клубот каде дебитираше Антонио Касано. Бари. И тоа во негов стил, секоја сезона скокајќи во еден ранг погоре.
Бари во таа 2008-ма настапуваше во Серија Б, а како помина тој во деби сезоната? Прво место, пласман во Серија А и 10 гола на конто. Изгледа како бајка, но е вистина. Капуто го имаше и тоа задоволство да постигне хет-трик токму против Гросето, клубот кој не веруваше во него.
Кругот тука му завршил и нисколигашкиот фудбал му беше само минато. Се видело дека неговите квалитети не се за таму, па по само една сезона во прва, следувале неколку второлигашки сезони, со Бари, Виртус Ентела и на крај Емполи.
Овие последниве се посреќија најмногу со него, бидејќи Франчесто Капуто експлодираше со личен рекорд од 26 гола за една сезона со што беше прв стрелец, а Емполи стана прволигаш. Го задржаа и следната сезона во која даде 16 гола во Серија А, но без разлика што повеќе не е толку млад, за него има уште предизвици.
Клубот кој го натера да се откаже и да работи ѕидар со татко му, нека се засрами кога ќе му ја види деби сезонава за Сасуоло. Им даде по два гола на Јуве, Лацио и Рома и по еден на Интер и Милан. Два даде и вчера против Џенова.
Има 21 гол од кои само два од пенал со што се наоѓа во елитно друштво. Ако му тргне и во последно коло против Удинезе, може да го мине и Лукаку.
Тоа е таа инспиративна сторија на Франческо Капуто кој никогаш не престанал да биде гладен за докажување и никогаш не престанал да сонува дека може повеќе и повеќе.