Поради расистички испад, Ачерби исфрлен од репрезентација на Италија

Во италијанскиот фудбал изби скандал откако по големото дерби меѓу Интер и Наполи минатиов викенд, гостинскиот одбранбен играч Хуан Жезус објавил дека стоперот на Интер Франческо Ачерби го навредувал на расна основа.

Триесет и шест годишниот стопер Ачерби кој на залезот на својата кариера го игра најдобриот фудбал во животот (на стари години покажа најдобри партии во дресот на Лацио и Интер), очигледно дека го забрза финишот на истата.

Франческо Ачерби е обвинет дека на расна основа го навредувал бразилскиот стопер од Наполи Хуан Жезус кој објави на своите профили на социјалните мрежи.

Жезус прво му се обратил на главниот судија Федерико Ла Пене на кого му рекол: „Ме нарече нигер, тоа не е во ред“.

Главниот судија веднаш го повикал Франческо Ачерби и разговарале неколку секунди после што мечот продолжил.

После натпреварот Жезус рекол: „Ачерби е добар дечко, но ми кажа некои неубави работи. Малку претера но се извини кога сфати дека отишол предалеку. Се случува тоа на теренот и таму останува“. 

Бразилецот му простил но не и фудбалската федерација на Италија. Веднаш била отворена истрага, а Франческо Ачерби е исфрлен моментално од кампот на репрезентацијата која ја чекаат пријателски средби со Венецуела и Еквадор закажани за САД.

Се огласил и самиот Ачерби кој од Лацио буквално беше протеран од тифозите поради тоа што во пар наврати нешто им возвраќаше и дофрлаше по слабите партии за кои добиваше свирежи, а неговиот безобразлук кулминираше кога при една прослава на гол на меч против Џенова ги иритираше навивачите на Лацио со гест да ве слушнам сега.

Тука му беше крајот на „Олимпико“, ама отиде во Интер со кого играше во финале на Лига на шампиони и е на праг да освои прво шампионско скудето.

Пред неколку недели направи голем скандал откако им покажа среден прст на навивачите на Рома откако на ВАР неговиот гол беше признат. За ова бил казнет од италијанската фудбалска федерација

„Јас никогаш не сум кажувал расистички зборови. Веќе 20 години играм фудбал и пазам што зборувам. На терен се случуваат многу работи, множно е многу нешта да се кажат за време на мечот, но после судиската свирка си подаваме рака. Од моја страна немало никакви навреди, расистички или други навреди“.

Но Жезус одговорил на ова:

„За мене прашањето заврши со извинување на теренот, веќе не би сакал да се враќам на нешто така подло како што беше тоа што го претрпев. Но зборовите на Ачерби во целост се спротивни на тоа што Франческо самиот го кажа на терен, а исто и доказите се поткрепени со недвосмислени видео снимки и како резултат на читање од усни кога бара да му простам. Тоа нема да го толерирам. Борбата против расизмот се води тука и сега. Ачерби ми кажа бегај од тука црнец, ти си негро. После моето обраќање кон судијата, тој си ја призна својата вина и се извини па кажа: „За мене е тоа како и секоја навреда“. Сега ја смени верзијата. Вели дека никаков расистички испад немало. Немам што друго да кажам“.

Натпреварот заврши 1-1 а токму Хуан Жезус со гол во 81’ минута му донесе бод на Наполи. 

20 март 2024 - 10:21