Последниот од шесте гола во дебитантската сезона за Јунајтед, Роналдо го даде против Милвол во финалето на ФА Купот. На две минути пред полувремето, по центаршутот на Гери Невил, Кристијано со глава постигна убав гол за 1:0. До крајот на мечот правеше кловн од бекот на Милвол, Ирецот Роби Рајан.
На 15 минути до крајот од мечот, тренерот на Милвол Денис Вајс се сожали на Рајан и го извади од игра, затоа што Португалецот „му ја извади душата“.
„Првпат во животот бев среќен што ме заменија“, изјави подоцна Роби во интервју за Indepedent.
Четири и пол години после тој натпревар, Роналдо ја освои "Златната топка", а Роби заврши со фудбалот и почнал да работи во лондонското метро - монтирал кабли, ја оддржувал струјата преку ноќ, најпрвин работел до пет и пол сабајле, а потоа го унапредиле и распоредот му бил полесен.
А во август 2003. година на отворањето на новиот стадион „Жозе Алвеладе“, изграден за Европското во Португалија, се играше пријателска меѓу Спортинг Лисабон и Манчестер Јунајтед. Во својата автобиографија, Рој Кин напишал дека после првото полувреме, на бекот Џон О’Шеј кој го чувал Роналдо му се свртело и барал лекарска помош.
На паузата Ники Бат, Сколс и Рио Фердинанд му кажале на Фергусон дека треба да го купи малиот, а Фергусон кој тоа време беше загреан за Роналдињо им рекол: „Да дечки, во тек сум“.
Му рекол на гардероберот на екипата, Алберт Морган да оди до ВИП ложата и да го викне Питер Кенјон, легендарниот спортски директор: „Да знаеш дека не си одиме од стадионов без тоа дете. - Толку е добар?, прашал Кенјон“, а одговорот лежел во вртоглавицата на О’Шеј. „Но Реал за него дава осум милиони фунти“, предупредил искусниот Кенјон. -Тоа значи дека ќе им предложите девет“, рекол Ферги.
Кога слетал во Манчестер, Кристијано очекувал да го разгледа стадионот, градот и базата, а дека договорот ќе биде потпишан следната година. За тоа време сакал да научи англиски и да освои нешто со Спортинг. Новиот тренер на тимот од Лисабон, Фернандо Сантос (европски првак со Португалија), се надевал дека со Кристијано ќе ја освојат титулата прва за Спортинг после цели 13 години.
„Кога ќе може да се вратам во Лисабон?“, срамежливо прашал Кристијано за време на екскурзијата во дождовниот Манчестер. Одговорот на Фергусон го исплашил: „Сакаме да заиграш за нас уште сега. -Да, но јас не понесов ништо со мене. -Ќе тренираш утре, па ќе одиш по работите“, му одговорил Фергусон кој веќе се вљубил во фудбалскиот дар на малиот.
Шпанскиот новинар Гиљем Балаге во својата книга за Роналдо напишал дека на утринскиот тренинг во Карингтон, О’Шеј барал од Роналдо процент од трансферот, а Versace шарениот џемпер на Кристијано ги насмеал ветераните Пол Сколс и кабинерот Јан Бакингем.
После една недела тренинзи, Кристијано се надевал дека конечно ќе се врати дома, но Фергусон го ставил меѓу резервите за мечот против Болтон од првото коло на Премиер лигата. Пола час до крајот Манчестер водеше 1:0, а Кристијано во дресот со број 7 и бели шорцеви влезе на теренот на „Олд Трафорд“ наместо Ники Бат.
„Тоа беше најдоброто деби на еден играч кое сум го видел некогаш“, изјави подоцна Џорџ Бест, легендарната 7-ка на Јунајтед.
Ван Нистелрој промаши пенал на тој меч, а во следниот напад по асистенција на Роналдо Гигс даде гол. Кристијано прелета по десното крило, продолжи да го дрибла бекот на Болтон, Јамајканецот Гарднер, а коментаторот на MU TV не можел да издржи да не се насмее поради тоа што Гарднер изгледал како дете.
Две недели подоцна Роналдо првпат се најде во стартната постава, но после неколку старта на бекот на Вулверхемтон, Денис Ирвин (првак на ЛШ со Јунајтед во 1999-та), навивачите скандирале: „Ова не е правиот Роналдо“, алудирајќи на Бразилецот.
Кристијано многу често дриблаше наместо да шутира во казнениот простор или да асистира и тоа го иритирало Фергусон: „Ти постојано паѓаш на земја. Судиите така навикнаа на тебе и не ти свират кога стварно си фаулиран. Навивачите ти свират кога ќе ја изгубиш топката и тоа му смета на целиот тим“, бесен бил Ферги.
Во дуел од Лигата на шампионите 2005/2006 против Бенфика, Роналдо пак правел солистички концерт и „Црвените ѓаволи“ изгубиле.
„Што се замислуваш ти? Сакаш сам да ги победиш? Никогаш нема да бидеш голем фудбалер, ако играш добро“, грмел Фергусон, а Роналдо наместо одговор почнал да плаче.
Во пресрет на последното коло од сезоната Руд Ван Нистелрој го удрил Кристијано на тренинг: „Не можам да играм со тебе веќе. Не си сам дечко, подади еднаш“, му се пуштил Руд, а Рио Фердинанд спречил Португалецот да добие ќотек и ги раздвоил.
Во последното коло против Чарлтон Фергусон го стави Џузепе Роси место Руд Ван Нистелрој, а месец дена подоцна го продаде Холанѓанецот во Реал Мадрид.
После еден друг тренинг, Роналдо побарал од кабинерот на Јунајтед Џон Кембпел 10 топки: „Кој кур ти се толку топки?, го прашал Џон. ’Ќе тренирам слободни удари’. Fuck it, – го благословил Кембел Португалецот. – Fucking hell, Ronnie!’ Му дал топки и овој тргнал кон Едвин Ван дер Сар.
„Не, не мали, уморен сум. Прашај го Томаш (резервниот голман Кушчак). ’Ама не, сакам најдобриот да биде на гол’. -Добро, ама ти мене не можеш да ми дадеш гол“, му рекол Холанѓанецот.
После неколку минути шутирање, Ван дер Сар го натерал да му центрира од страна а овој да се фрли на топките во воздух. Кристијано центрирал и за кратко го завршиле тренингот.
„Сакам да станам најдобриот играч на светот, помогнете ми“, му рекол Роналдо на Мик Клег, фитнес тренерот на Манчестер Јунајтед. ’Гледај што работат другите играчи на тренинг и работи повеќе од нив и подобро“.
Во девет часот едно сабајле Кристијано дошол во Карингтон на масажа а потоа 25 минути вежбал во теретана, возел велосипед и се истегнувал. Секој ден правел така пред главниот тренинг. Потоа ги развивал индивудалните способности. Пред враќање дома вежбал и бокс со Рој Кин и Рајан Гигс.
„Кристијано беше еден од првите играчи кој ангажираше готвач дома. Во својот дом, на пола час од центарот на Манчестер, често ги посетуваше роднините и другарите а потоа се дружеше со Нани и Андерсон во слободно време“, раскажуа Клег за БиБиСи.
Истовремено Роналдо рано легнувал и немал телевизор во спалната соба за ништо да не му го одвлекува вниманието. Кога се преселил во Мадрид, Клег се повлекол од фудбалот. После шест години со Кристијано, специјалистот не можел да работи со други фудбалери.
Гиљем Балаге напишал во својоата книга дека во домот на Кристијано секогаш имало по 12-13 луѓе (воглавном роднини), а во неговата соба имало фотографија на Жан-Клод ван Дам, неговиот омилен глумец.
Мајка му на Кристијано живеела таму со него три години, а после се вратила во Мадеира во куќата на два спрата со поглед на Атлатнскиот океан која што синот и ја купил од првата плата во Манчестер Јунајтед. Татко му ретко бил таму, а во една прилика го продал дресот на Роналдо од дебито за Манчестер Јунајтед за да купи за пиење.
Мајка му Диниш одбивала да го прати мажот на лекување на бубрезите и црниот дроб во Англија, без оглед на тоа колку инсистирал Кристијано, а кога се сложиле веќе било предоцна. Роналдо дознал за смртта на татко му во московски хотел пред мечот од квалификациите за СП 2006 против Русија. Му кажале Сколари и Луис Фиго.
Кристијано се удирал во ѕид. Не чуствувал ништо, бил во шок. Кога Фиго влегол а селекторот Сколари му кажал дека татко му починал, од тој ден Роналдо го викал Бразилецот „татко“. Кога се вратил во Манчестер барал да му ги донесат сите фотографии на татко му и ги закачил во домот.
Во четвртфиналето на Мундијалот 2006, Роналдо бараше од судијата Елисондо да му даде црвен картон на Вејн Руни поради грубиот старт, а потоа намигна кон португалската клупа.
Англија испадна, а на Роналдо му се заканувале и тој се плашел да се врати во Манчестер. Го обвини раководството на Јунајтед дека не го заштитува од прогонот а потоа Фергусон не можел да го добие затоа што Роналдо го сменил бројот. Како резултат на тоа Руни јавно изјави дека никој не смее да му се заканува на Кристијано и во Англија да не шират зло кон него.
По враќањето од одмор еден од постарите играчи во шега им дал боксерски вреќи на Руни и Роналдо за да се пресметаат пред тренингот. За црвениот картон на Руни поради Роналдо цела Англија го бомбардираше Португалецот со навреди, но за играчите тоа било само шега на почетокот на сезоната.
Противничките навивачи го навредуваа неколку месеци, но тој постигна 23 гола и стана најдобриот играч во Премиер лигата на сите избори (посебно трогателен беше оној од Здружението на навивачи на Јунајтед). На пролет следната година дознал дека мајка му има рак на дојка. Додека била на Клиниката во Фуншал (родното место на Кристијано), Роналдо првпат стана шампион на Англија.
Следната сезона почна со црвен картон против Портсмут и забрана од три меча. Во тој момент помошниот тренер на Фергусон и иден тренер на Анжи, Рене Меленштен му покажувал видеа на Кристијано со головите на Денис Лоу, Џорџ Бест, Руд ван Нистелрој и Оле-Гунар Солшер.
„Гледај како тие се движат пред голот, од какви позиции даваат голови и како се поставени со телото. Ти уште не си јак финишер како они, а даде 23 гола. Мора да се откажеш од идејата дека мора да постигнеш идеален гол и да се покажеш пред светот: тоа мора да го направиш“, му објаснувал Меленштен.
Во следните девет месеци, Роналдо постигна 42 гола!
Кон средината на мај 2008. година во Карингтон стигна официјалната топка од финалето на Лигата на шампионите и Роналдо на неа се навикнувал два месеци. Карлос Кеирош, помошникот на Фергусон го советувал сонародникот да ја менува положбата на телото пред шутот, но топката секогаш летала многу високо. Дури после 100-ина пробни шутеви со новата топка, Роналдо го разработил шутот со отсвртување.
Тоа сепак не му помогна во серијата пенали против Челси во Москва: Петр Чех го одбрани неговиот удар, но Манчестер победи по лизгањето на Тери. Додека соиграчите на Роналдо скокаа од радост, Кристијано го исмеваше дождот на средината од теренот на „Лужники“. Ден претходно за шпанските медиуми изјави дека мечтае да игра во Шпанија.
По Европското 2008, Алекс Фергусон се сретнал со Кристијано и неговиот агент Жорже Мендез во Лисабон, во станот на Карлос Кеирош.
„Годинава ти не одиш никаде. Знам дека те бараат во Мадрид, но попрво би те застрелал отколкуд а те продадам сега“, напиша Фергусон во својата прва автобиографија за тоа како се одвивал состанокот.
Португалецот кој летово стана Европски првак со својата земја, остана во Манчестер уште една година одбележана со операција, сообраќајна незгода, првата Златна топка, обид да излезе на меч против Сити и пораз од Барселона во Лигата на шампионите.
После римското финале против Каталонците, Роналдо се прости со Манчестер Јунајтед - клубот во кој дојде исплашен со насолзени очи а замина како најдобар фудбалер на светот.