Почина легендарниот Свен Горан Ериксон

На 76-годишна возраст почина прославениот шведски стручњак кој го напушта светот после долго боледување.

Легендарниот шведски тренер веќе неколку месеци се бореше со тешка болест а веста за неговата смрт ја соопшти неговото семејство.

„Свен Горан Ериксон почина после долго боледување, почина дома опкружен со своето семејство. Од Свен се простија ќерката Лин, синот Јохан со сопругата Аман и внукот Скај. Таткото Свен, девојката Јанисет со синот Алисде, братот Ларс Ерик и неговата жена Јумонг. Семејството по овој пат моли за почит на нивната желба да тагуваат во приватност и да не ги контактирате“, стои во соопштението.

Шведскиот тренер веќе извесно време соопштуваше како е пред крај на својот живот односно дека лекарите му предвиделе уште малку време. Тој тоа време го искористи да ги посети „Енфилд Роуд“ каде го пречекаа со сите почести, „Олимпико“ во Рим и други стадиони и клубови од каде се простуваше со играчите, тренерите, навивачите.

Во јануари месец годинава стана јасно дека Свен Горан Ериксон боледува во терминален стадиум. Тој минатата недела лично, трогателно се прости од фудбалот: „Проживеав добар живот. Мислам дека сите се плашиме од тој ден кога ќе починеме, но смртта е исто дел од животот. Морате да научите да го прифатите тоа. Се надевам дека на крајот сите луѓе ќе речат дека бев добар човек. Свесен сум дека тоа не го мислат баш сите но што е тука е.

 

Се надевам дека ќе ме паметите како позитивен човек кој се трудеше да прави се што може. Немојте да ви биде жал, насмејте се. Ви благодарам на се, тренери, играчи, навивачи... Беше фантастично. Чувајте се и чувајте го својот живот и живејте го. Поздрав“.

Ериксон во својата кариера во Шведска ги водел клубовите Дегерфорш и Гетебог а потоа заминал во странство каде ги водеше Бенфика, Рома, Фиорентина, Сампдорија, Лацио, Манчестер Сити, Лестер, Гвангжу, Шангај и Сенжен. Беше уште и селектор на репрезентациите на Англија, Мексико, Брег на Слонова Коска и Филипини.

Ериксон беше активен сè до почетокот на минатата 2023-та година кога беше спортски директор на шведскиот клуб ИФ Карлштад каде прво беше и советник. Но во февруари 2023-та тој објави дека оди во пензија која не ја уживаше како што планирал затоа што само една година подоцна потврди дека му дијагностицирале тешко заболување од кое нема да се извлече.

ОСВОИЛ КУП НА УЕФА НА 34 ГОДИНИ, ПРВ ТРОФЕЈ ЗА ШВЕДСКИ КЛУБ

Свен Горан Ериксон својата играчка кариера ја минал во пониските лиги на шведскиот фудбал а кариерата ја завршил на 27 години поради повреда на коленото. Тој не бил надалеку познат фудбалер во тој период.

После три години, Свенис, како што го викале во Шведска, станал тренер на шведскиот третолигаш Дагерфорс. На неговиот тренерски стил многу влијаеле Рој Хоџсон и Боб Хјутон, Англичаните кои водеа клубови во Шведска.

Свен набрзо покажал големи тренерски способности па заслужено го викнале во Гетеборг. Немал сјаен старт со резултати но во клубот го истрпиле тој период па следувала златна ера: за три сезони Ериксон го однел Гетеборг до два пехари во Купот на Шведска и до шампионска титула во Куп на УЕФА 1981/1982.

Во финалето со 4:0 го разгромиле силниот Хамбург за кој играле Хорст Хрубеш, Манфред Калц и Феликс Магат а тренер бил славниот Ернст Хапел. Тоа бил и прв евротрофеј за шведски тим во целата историја.

Свен Горан Ериксон тогаш имал само 34 години и го сметале за чудо од тренер. Подоцна овој рекорд му го собори Португалецот Андре Вилаш-Боаш кој бил пола година помлад во моментот кога стигна до финале и освои Куп на УЕФА со Порто во 2011-та.

ВО БЕНФИКА СТИГНАЛ ДО ФИНАЛЕ НА ЛИГА НА ШАМПИОНИ

Перспективниот тренер на Гетеборг добил раскошна понуда од португалскиот гигант Бенфика. Тоа му бил прв странски клуб во кариерата и освоил две шампионски титули и еден Куп. Со таква позадина можел веќе да бира каде ќе оди а ја одбрал Серија А и силната Рома.

На крајот на ’80-те години Ериксон се вратил во Лисабон. Стигнал до финалето на Купот на Европски шампиони каде изгубил со Бенфика од Милан на Ариго Саки. Тој во прв состав ги внел младите голобради момчиња Руи Кошта и Пауло Соуса кои подоцна станаа големи имиња.

ВО ’80-ТЕ ГИ ТРЕНИРАЛ АНЧЕЛОТИ И БАЏО

Во Рома Свен Горан-Ериксон немал брз успех иако во тимот ги имал сјајните Бразилци Фалкао и Тонињо Серезо а во среден ред играл одличниот 26-годишен Карло Анчелоти. Но фудбалерите на Рома биле во голем пад на форма и демотивирано после болниот пораз од Ливерпул во финале на Куп на европски шампиони (денешна Лига на шампиони) од Ливерпул на пенали на својот стадион во Рим.

Свен Горан Ериксон за две години во Рим освоил едно второ место и освоил пехар во Куп на УЕФА. Одлично за тренер кој немал ниту 40 години.

После ома ја водел и Фиорентина но без поголем успех. Таму го сретнал Роберто Баџи кого еднаш го нарекол најталентираниот играч кој некогаш го тренирал.

„Имаше сè: техника, преглед на терен, брзина. Памтам еден од нашите први натпревари против Милан на Ариго Саки. Тогаш два пати поминавме средина на терен, два пати дадовме гол. Баџо го намести првиот гол и го постигна вториот“, се сеќава Свен кој тогаш играл против Малдини, Барези, Костакурта и Тасоти.

ВО ’90-ТЕ ОСВОИ ТРОФЕЈ СО САМПДОРИЈА И ГО ИЗГРАДИ НАЈСИЛНИОТ ЛАЦИО ВО ИСТОРИЈАТА

Во 1992-ра година Ериксон од Португалија повторно се вратил во Италија. Сега добил понуда да ја води симпатичната Сампдорија, еден од најсилните европски клубови во тој период.

Тогашниот сопственик на Сампдорија Паоло Мантовани искрено му признал на Свен Горан Ериксон дека не можат финансиски да се носат со Милан и Јувентус, но тој прифатил да го преземе тимот. Во екипата биле Вијали, Сидорф, Кијеза и Верон, а притоа стигнале уште и Гулит, Михајловиќ и Манчини. Роберто беше симбол и лидер на екипата.

Бандата освои трофеј во Купот на Италија во 1994-та кој до ден-денес е единствен пехар за Сампдорија.

Во 1997-ма година Ериксон замина во Лацио каде со себе ги поведе Манчини а потоа и Михајловиќ. Лацио поставил цел шампионско скудето кое последен пат го освоил во далечните 1970-ти. Прв потег во Лацио му бил рез: го избркал големиот голгетер Бепе Сињори.

„Не можев ништо да добијам со него - добар напаѓач ама со одвратен карактер. Тој цело време се жалеше и кога ќе се случеше нешто непредвидливо велеше: „Такво нешто никогаш не би се случило во Јувентус или Милан“.

Во првата сезона под водство на Ериксон ѕвездениот Лацио го освои Купот на Италија и стигна до финале на Куп на УЕФА каде изгуби од Интер само поради генијалниот Роналдо.

„Да, Роналдо сам победуваше натпревари, но проблемот тука беше друг. За пар дена до финалето на Куп на УЕФА ние го освоивме Купот на Италија, прв трофеј за Лацио после 20 и кусур години. Замислете дека прославата на траеше само еден ден“, раскажал Ериксон.

Тој донел менталитет на победник. Во сезоната 1998/1999 Лацио го свои последното издание на Куп на Куп победници откако во финале ја совлада Мајорка на Ектор Купер. А следната 1999/2000 беше најуспешна во клупскаа историја на Лацио кога беше освоено шампионско скудето и Куп на Италија.

Пред новата сезона 2000/2001 на ѕвездениот состав на Лацио му ги придодадоа уште и Креспо и Клаудио Лопез. Но во октомври месец 2000-та Ериксон доби повик од англиската репрезентација која имаше ѕвезден состав со Тери, Лампард, Ешли Кол, Џерард, Рио Фердинанд и други. Швеѓанецот прифати и веќе во летото 2001-ва стана селектор на Англија. Навивачите не му замерија за тоа поради сите трофеи кои им ги донесе.

ВО АНГЛИЈА НЕ МУ БЕШЕ СЈАЈНО

„Јас ќе жалев цел живот ако се откажев од таа понуда“, изјавил селекторот на Англија на прашањето зошто го оставил ѕвездениот Лацио.

На златната генерација Бекам-Џерард-Лампард-Овен и требаше моќен тренер. И замисли како да одбиеш кога тебе те викаат да станеш прв селектор-странец во историјата на Англија, така што Ериксон може да се разбере.

Во првиот меч славеа 3:0 против Шпанија а веќе во есента 2001-ва убедливо со 1:5 ја совладаа Германија на гости. Но на Светското 2002 иако отидоа со големи амбиции испаднаа од Бразил после врвниот слободен удар на Роналдињо кој го матираше Симан.

Следниот голем турнир, Еуро 2004 исто го завршија во рана фаза, во четвртфинале кога на пенали изгубија од Португалија кога голманот Рикардо правеше чуда на гол и самиот на крај го даде решавачкиот пенал.

После тоа испаѓање англиските медиуми го критикуваа селекторот Ериксон дека имал недостаток на харизма и тактичка длабочина. Ериксон и самиот западнал во скандал откако на еден лажен новинар му рекол дека е спремен да оди во Астон Вила ако ја купат арапски шеици.

Веднаш после Европското англискиот жолт печат како и секогаш, копал непријатни и непристојни детали од животот на Ериксон па дури и му местеле афера со тогашната секретарка на англискиот ФА, Фарија Адам. 

Светското 2006 стана последен турнир за Свен Горан Ериксон како селектор на Англија иако според договорот тој требал да ги води Англичаните до Евро 2008. На Мундијалот во Германија испаднаа од Португалија на пенали и тоа повторно против неверојатниот голман Рикардо. А се испостави сите три пати Ериксон да биде елиминиран од Луис Фелипе Сколари.

Потоа беше тренер на Манчестер Сити, па имаше авантура и во Азија со Филипини, кратко беше и во репрезентацијата на Мексико, беше спортски директор на Нотс Каунти а на Мундијалот 2010 го водеше Брег на Слонова Коска со кого не пројде група.

26 август 2024 - 12:52