Мишел Платини веќе долго време упорно тврди дека за сега не ја напушта УЕФА за да се пресели во ФИФА, но не ја отфрла опцијата и конечната одлука ќе ја донесе по завршувањето на Светското првенство во Бразил.
Претставниците на 209 членки на ФИФА ќе гласаат за новиот претседател во мај 2015-та година, а Французинот е уверен дека може да собере повеќе гласови од Блатер.
„Има само еден човек кој може да го победи Блатер. Тоа сум јас. Но потенцирам дека велам 'кој може', а не 'ќе'", изјави Платини на средба со новинарите за време на конгресот на УЕФА во Казахстан.
„Не ми е животна желба да бидат претседател на ФИФА, но многу луѓе кои ме поддржуваат низ целиот свет, побараа да се кандидирам. Ќе се консултирам со повеќемина, но на крајот јас лично ќе донесам одлука", дополни Платини.
И 78-годишниот Блатер одби да потврди дека ќе оди на петти мандат, но изјави дека повеќе федерации побарале од него да се кандидира. Се очекува тој да ја соопшти својата одлука на конгресот во Сао Паоло кој ќе се одржи пред почетокот на Светското првенство.
Платини во минатото му беше советник на Блатер, но во последно време нивните односи се „заладени" и тие се почесто имаат спротиставени ставови за фундаментални прашања во врска со светскиот фудбал.