Борха Бастон
Клуб: Еибар
Возраст: 23 години
Позиција: напаѓач
Му предвидуваа иднина на главна ѕвезда на Атлетико Мадрид, но судбината не секогаш оди според очекувањата. На 23 години Борха Гонзалес Бастон ја одигра првата сезона на највисоко ниво но во друг клуб. Интерес за фудбал пројавил уште на 4 години, а подоцна татко му Мигел Гонзалес го однел во академијата на Атлетико каде и самиот некогаш настапувал.
Малиот набрзо го добил прекарот Ван Бастен од своите врсници, поради головите што ги давал. Првиот голем успех го доживеал на 17 години кога станал светски првак на првенството за млади. На истиот турнир ја доби наградата Златна копачка за најдобар стрелец. Во таа генерација играле уште и Иско, Мората, Коке, Сарабија.
Во академијата на „Јорганџиите" знаеле дека таму можеби расте идниот Торес и постепено го подготвувале за влез во првиот тим. Во 2010. година Кике Санчез Флорес во последното коло од првенството го пуштил Бастон во игра при водство од 0:3 против Хетафе.
Сепак дебито било малерозно, затоа што напаѓачот за 20 минути доживеал повреда и ја пропуштил целата следна сезона. Кога се опоравил во Мадрид дошол Диего Симеоне, и Борха не бил во плановите на Аргентинецот. Атлетико го позајмувал во Мурсија, Уеска, Депортиво и Сарагоса, сите второлигашки екипи.
Најмногу напредувал во Арагона, благодарение на тренерот Ранко Поповиќ Бастон станал единствениот шпиц, дал дури 22 гола за Сарагоса и за малку не ги внел Арагонците во елитата.
Сезонава ја почна како играч на Еибар, скромниот баскиски клуб без многу ѕвезди. Нов тренер на екипата станал Хосе Луис Мендилибар. По конституција, Борха Бастон потсеќа на Лука Тони, а сезонава постигнал 20 голови за Баскијците и бил избран за најдобар играч на тимот кој благодарение на него избори опстанок. Во октомври лани ја доби наградата за најдобар играч на месецот во Ла Лига. За потсетување Меси ја доби еднаш оваа награда во јануари годинава. Борха има договор со Атлетико до 2017. но клубот сака да го продолжи затоа што го гледаат како иден партнер на Гризман во нападот.
Пау Лопес
Клуб: Еспањол
Возраст: 21 година
Позиција: голман
Еден од ретките кои дресот на Еспањол не би го заменил за оној на градскиот ривал Барса. Пау Лопес е роден во Жирона, каталонска провинција, а во Еспањол е од 12 години.
Како дете Пау не бил многу висок, но одлично ја читал играта и фантастично бранел. Откако ги минал сите млади категории на Еспањол, голманот стигнал до резервниот состав на Бело-сините. Под водство на искусниот шпански тренер Маноло Маркес кој е поранешен играч на Еспањол и Депортиво, 17-годишниот ја помина сезоната 2013/2014 во Сегунда Б (трета по ранг шпанска лига). Таму Пау стана еден од најдобрите голмани во лигата и ја завршил сезоната со 14 меча без примен гол.
Кога Серхио Гонзалес станал прв тренер на Еспањол Б, на голманот му понудиле договор до 2018. година. Од тој момент Пау тренира со првиот тим, а бранел само во Купот затоа што стандарден голман бил Кико Касиља.
Дебито на Пау Лопес за Еспањол во Ла Лига е историски момент. Во 40. минута на гостувањето против Севиља, Кико Касиља играл со рака надвор од полето и добил црвен картон. На теренот тогаш влегол Пау а Севиља победи 3:2, Лопес прими само еден гол. Во следното коло Лопес застанал на голот, а Еспањол повторно загубил овојпат од Валенсија. До крајот младиот Пау бил на клупата и бил помалку разочаран. Но набрзо Кико Касиља замина во Реал Мадрид и Лопес стана број 1.
Своето прво каталонско дерби го бранеше во јануари годинава кога успеа да го спречи триото МСН да му даде гол. Двете екипи подоцна се сретнаа во Купот каде Лопес во второто полувреме при една дискусија со Меси го згазна Аргентинецот по ногата, судијата не го забележа тој момент, но Камп Ноу да. Се крена голема фама, а Пау негираше дека немал намера.
Жоао Кансело
Клуб: Валенсија
Возраст: 21 година
Позиција: крило
Португалскиот талент беше една од немногуте светли точки во Валенсија сезонава. Жоао го започнал фудбалскиот пат во екипата Бареиренсе во родниот град Бареира. 6-годишното дете по многу нешта се разликувал од врсниците, а тренерите биле изненадени од неговата неверојатна брзина.
Неодамна призна дека идоли како мал му биле Дани Алвес и Макси Переира кој 8 години играше во Бенфика. Но Жоао не претпоставувал дека еден ден ќе игра за „Орлите" со неговиот омилен играч. Како и идолот, така и Жоао може да игра од бек до офанзивно крило, поради што ја заинтересирал Валенсија.
Кансело одиграл само еден меч во првиот состав на Бенфика. Тоа се случило во последното триумфално коло од сезоната 2013/14. Жорже Жезуш решил да го понижи Порто и му се спротивставил со млади играчи. Така младиот бек го заменил својот идол Макси Переира.
Наскоро агент му станал најдобриот менаџер на светот - Жорже Мендеш. Благодарение на него нашол ангажман во Шпанија. Валенсија се одлучила за позајмица со можност на откуп на договорот. Сепак на Местаља не му се посреќи во првата сезона кај тренерот Нуно Еспирито Сано кој му даваше повеќе шанса на Антонио Бараган.
Поради тоа Португалецот се врати во Лисабон и кај новиот тренер одиграл 10 меча. Цената му пораснала на 15 милиони евра. Подоцна и покрај експериментите на Гери Невил, Жоао и натаму напредувал и станал универзалец. Кај Нуно играше бек, кај Гери Невил понапред.
Од следната сезона би можел да игра во Барселона, затоа што тренерот на Барса Луис Енрике изјавил дека Жоао Кансело е потенцијална замена за Алекс Видал од Севиља. Интерес за него покажале и Манчестер Јунајтед, Арсенал и Јувентус.
Седрик Бакамбу
Клуб: Виљареал
Возраст: 25 години
Позиција: напаѓач
Конгоанецот од Франција кој стана европски првак до 19 години со Триколорите, не доби повик од Диде Дешам и ја одбра репрезентацијата на Конго. Седрик е роден во градот Витри-сир-Сен на југот од Франција. Фудбал почнал да трениер во истоимениот клуб и на 9 години преминал во Вал де Марн во тимот на Унион Спортиф.
Талентираниот напаѓач брзо го приметиле претставници на Сошо и на 14 години Бакамбу не можел да ги убеди родителите да го пуштат во градот Монбељиар. На крајот попуштиле.
2010. година била пресвртница во кариерата на Конгоанецот. Тогаш Сошо стана финалист на Купот Гамбардели, главен младински турнир во Франција. Бакамбу дал гол, но во пенал серијата Мец бил поуспешен. Истото лето го викнале во јуниорската репрезентација и Седрик играл на Европското првенство.
Во таа генерација биле и Гризман, Коклен, Лаказет, Какута, Грение и други. За пар месеци младиот Бакамбу дебитирал и во Лига 1. Цели четири години се борел за место во нападот на тимот кој сменил 15 центарфори.
Во последната сезона во Сошо дал 21 гол по што заминува на печалба во Турција. Тренерот на Бурсаспор Шенол Ѓунеш го направил Седрик клучен напаѓач а овој му враќа со тоа што станал најдобар стрелец на екипата и ги однел Турците во Лига Европа. Пред крајот на таа сезона дебитирал за Конго.
Тоа значело дека сите голови за младинските категории на Франција се бесцелни и напрасни. По заминувањето на Џовани Дос Сантос во МЛС, Херардо Морено во Еспањол и Лусиано Вието во Атлетико, Виљареал решава да го засили нападот и партнер на Солдадо му станува Седрик Бакамбу.
Бакамбу растура во тимот на Марселињо во системот 4-4-2 каде Солдадо напаѓа од длабочина а Конгоанецот зад него. Сезонава двајцата постигнаа 30 голови. Бакамбу е доказ како технички поткован играч тешко напредува во Лига 1. Благодарение на него, Виљареал обезбеди место во Лигата на шампионите следната сезона.
Ален Халиловиќ
Клуб: Спортинг Хихон
Возраст: 19 години
Позиција: полушпиц
На 16 години Ален дебитираше во главното хрватско дерби, се појави на меч од Лигата на шампионите и во составот на хрватската репрезентација. Најголемата надеж на хрватскиот фудбал е роден во Дубровник.
Како мал, „хрватскиот Меси" навивал за Реал Мадрид и направил мала тетоважа Hala Madrid (во превод слава на Мадрид). Своето фудбалско образование го почнал во Динамо Загреб, екипа која што на светот им подари играчи како Лука Модриќ, Едуардо, Ведран Чорлука, Милан Бадљ, Марцело Брозовиќ, Матео Ковачиќ, Нико Крањчар и многу други.
Ален Халиловиќ ги срушил сите можни рекордни. На дебито против Хајдук во првенството 16-годишниот фудбалер станал најмладиот играч во историјата на шампионатот. Веќе во следното коло го дал својот прв гол во професионалниот фудбал кога еден на еден ладнокрвно го матирал голманот. Целиот стадион бил во чудо.
Во 2012 година ПСЖ го пречека Динамо на Парк на Принцовите а младиот Ален влезе на самиот крај и стана најмладиот играч во историјата на ЛШ. Интересно е што Халиловиќ дебитирал за сениорите пред да игра за младинската репрезентација. На тој начин го привлекол интересот на Барса.
Минатата година потпиша со Каталонците договор до 2019. година. Првата сезона во академијата Ла Масија настапуваше за Барселона Б во Сегунда каде тренер му беше Хорди Виналса. Екипата испадна во третата лига, но Ален успеал повторно да игра на високо ниво.
Пред почетокот на сезонав Луис Енрике го праќа на позајмица во Хихон. Спортинг е скромна екипа во која имало место за Хрватот. Тренер на тимот е легендарниот Абелардо кој и самиот на 8 години бил во Барселона. Токму Абелардо е најзаслужен за одличните настапи на Халиловиќ и Антонио Санабрија, младиот напаѓач на позајмница во Хихон клуб кој се спаси од испаѓање.