Пелистер пред подвиг, Чкембари се мобилизираат

Откако една година играат во втората лига, фудбалерите на Пелистер сега имаат голема шанса преку бараж-двомечот со Хоризонт Турново да се вратат во најдобрата македонска лига.

Еден од најголемите фудбалски колективи во земјава, битолски Пелистер за 30-ина дена од сигурен патник во третата лига стигна до бараж за најдоброто друштво.
 
Зелено-белите имаа турбулентна сезона, со неколку промени во управата, стручниот штаб и екипата, а најверни останаа Чкембарите кои сезонава патуваа секаде со својот тим.
 
По серија триумфи Пелистер сега има голема шанса преку два натпревари да се врати во првата македонска лига. Во Ѓорче Петров денес и во недела од 16:00 часот, Битолчани ќе играат бараж против Хоризонт Турново за пласман во елитата.
 
За таа прилика, Чкембарите ја креваат на нозе цела Битола и најавуваат околу десетина автобуси со преку 500 навивачи на стадионот во скопско Ѓорче.
„Покрај сите репресии, тешки моменти и разочарувања,секогаш во нас се раѓа нов предизвик за подобар Пелистер. Така и сега. Останаа уште само два меча до нашата цел, два меча за тоа што се боревме цела сезона, два меча за тоа што ние како град и навивачи најмногу го заслужуваме – Прва лига! Затоа масовно на двата баражи да си го земеме тоа што ни припаѓа. Чкембари организирајте се од сите места, од цела Македонија и сите во Ѓорче. За Повторно издигнување на европски Пелистер!“, стои во соопштението на Чкембари за мобилизација на Битола.
Турново вторпат по ред ќе игра бараж. Минатата година Турновци се спасија од испаѓање откако беа подобри во двомечот со Гостивар, но сега против себе ќе имаат многу помотивиран противник со армија навивачи зад себе.
 
Во првата лига веќе се пласираа два поранешни прваци, Македонија Ѓорче Петров и Победа.
 
За баражот меѓу Пелистер и Хоризонт Турново, ФФМ објави дека нема да важи правилото гол на гостински терен, а тоа во превод значи дека при ист број на бодови и гол разлика, ако резултатот биде ист ќе се изведуваат пенали.