Пеле, Ето, Жиру, Јан Колер и други - кои се најпознати фудбалери кои принудно бранеле

Минатиот викенд најинтересна вест од фудбалска Европа беше голманот Оливие Жиру кој стави ракавици во последните моменти од мечот со Џенова на гости и го спаси водството на Милан. Французинот е избран и како голман на колото во Серија А а росонерите продаваа и негови голмански дресови. Кои други познати играчи принудно станале голмани? Се сеќавате ли?

ЈАН КОЛЕР, БОРУСИЈА ДОРТМУНД

Во 67’ минута од големото дерби Класикер во Германија меѓу Баерн Минхен и Борусија Дортмунд во 2002-ра, Јенс Леман доби црвен картон за навреди кон судијата.

Во ситуација кога „милионерите“ немале право на замени, на голот застанал двометрашот Јан Колер кој до крајот од мечот не прими ни еден гол! Дортмунд за волја на вистината изгуби 2:1 но Колер не прими гол и мора да му се оддаде признание како бранеше.

За високиот Чех голманска позиција не е нешто чудно, тој почнал како голман како млад но набрзо сменил позиција. „Тоа траеше пола година кога уште играв за Страконице, ама не ми се допадна“, рекол еднаш Јан Колер.

Тој веќе во возрасен фудбал дебитирал во напад каде и направи славна кариера. 

Германски Kicker тогаш го избра Јан Колер во симболичниот тим на колото во Бундеслига како голман.

РИО ФЕРДИНАНД, МАНЧЕСТЕР ЈУНАЈТЕД

Малку кој памети дека легендарниот штопер еднаш облече ракавици и принудно бранеше за Јунајтед, и тоа на меч од четвртфинале од ФА Куп против Портсмут 2008-ма на „Олд Трафорд“.

Манчестер Јунајтед тогаш принудно во текот на мечот мораше да го смени Едвин ван дер Сар со резервниот голман Томаш Кушчак. А Полјакот при еден груб фаул над Милан Барош доби црвен картон и Јунајтед остана без голман до крајот од мечот зошто немаа ниту трет резервен голман.

Изборот падна на Рио Фердинанд кој имаше неколку добри одбрани но не успеа да го фати пеналот на Сали Мунтари. Тој гол остана единствен на мечот, Јунајтед изгуби и испадна од Купот а Портсмут подоцна го освои ФА Купот откако во финаале го совлада Кардиф со гол на Нванкво Кану.

МЛАДЕН ПЕТРИЌ, БАЗЕЛ

Во ноември 2006-та година швајцарски Базел одиграл 2:2 со француски Нанси иако два пати губел. Во 90’ минута голманот Франко Костанцо направил прекршок над Исијара Диа и добил директен црвен картон. Швајцарскиот клуб во тој момент немал веќе право на замени па на гол застанал центарфорот Младен Петриќ.

Хрватот го спаси Базел! Сензационално му одбранил пенал на Микел Кретиен и му донел бод на тимот. Но на крајот тоа не играло голема улога зошто Базел завршил четврти, а Нанси отишол понатаму како втор. Сепак долго ќе се памети подвигот на легендарниот Петриќ.

ЏОН ТЕРИ

Легендарниот капитен на Англија и Челси беше спремен да направи се што може за својата екипа. Тери беше бескомпромисен борец и влегуваше со глава таму каде некој не влегува ниту со нога.

Во 2006-та година Челси играше со Рединг во Премиер лига и уште во 1’ минута остана без голманот. Стивен Хант му ја нанесе тешката повреда на Петр Чех кој подоцна цела кариера до крај носеше заштитен шлем на главата.

Наместо Чех на голот на Челси застана резервниот голман Карло Кудичини но на неколку минути до крајот и тој се повреди и мораше да го напушти теренот.

Џон Тери ги зеде ракавиците и успеа да одбрани неколку шута на Рединг. Челси на крај победи 1:0 благодарение на храбриот Тери кој после мечот изјавил: „Вознемирени сме, и двајцата (голмани) доживеаа силни повреди но се надеваме дека ќе биде се во ред со нив“.

ЏОН О’ШИ, МАНЧЕСТЕР ЈУНАЈТЕД

Уште еден натпревар Јунајтед играше со играч како голман. Пред крајот на дербито со Тотенхем во февруари 2007-ма Манчестер водеше убедливо 4:0 но поради повреда натпреварот мораше да го напушти Ван дер Сар. Тогаш Фергусон немаше право на замени па на голот застана бекот и стопер Џон О’Ши.

Ирецот до крајот од мечот успеа да ја сочува мрежата на Манчестер а имаше дури и одбрана еден-на-еден.

После мечот О’Ши се шегувал дека Ван дер Сар сега треба да му даде пола од бонусите за не примен гол.

Но искрено признал дека не сака да слушне да брани: „Добро искуство, но не мислам дека би можел да бидам голман. Иако можам да кажам дека имам 100% натпревари без примен гол во Премиер лига, сепак не можам да се пофалам со такво нешто“.

ХАРИ КЕЈН, ТОТЕНХЕМ

Во 2014-та година мрежата на Тотенхем во меч од Лига Европа против грчки Астерас поради црвениот картон на Уго Лорис, од 87-ма минута до крај ја чуваше Хари Кејн.

Со години еден од најдобрите напаѓачи на светот, тогаш прими гол од слободен удар во финишот но тоа не влијаеше многу на резултатот. Тотенхем победи 5:1. „Тоа беше прекрасна вечер се додека не ме ставија мене на гол“, рекол Кејн после мечот.

КАЈЛ ВОКЕР, МАНЧЕСТЕР СИТИ

На натпреварот меѓу Манчестер Сити и Аталанта од групна фаза во Лига на шампиони, Кајл Вокер пред крајот од мечот застана на голот. Во првиот дел тогаш голманот Едерсон поради повреда го заменија со резервниот Клаудио Браво кој пак во 81’ минута доби црвен картон за фаул над Јосип Иличиќ надвор од шеснаесетникот.

Сити немал трет резервен голман па наместо Ријад Марез во игра влезе Кајл Вокер кој облече ракавици и застана на голот. Бекот не прими гол и имаше неколку добри одбрани а фати и удар од слободен удар.

Кајл Вокер на тренинзи често сакал да застане на голот и да брани удари од согирачите. Кога Пеп се мислел кого да стави на гол кога Клаудио Браво добил црвен картон, тренерот на голманите му рекол дека Кајл Вокер не е лоша варијанта. И погодил.

САМУЕЛ ЕТО

Камерунецот имаше блескава кариера и освои гомила пехари со Барселона, Интер, Реал Мадрид, Челси...

Но ретко кој памети дека на времето како млад додека уште играше за Мајорка еднаш принудно застанал на гол откако Аргентиенцот Лео Франко добил црвен картон за фаул над играч на Атлетико Билбао. Во тоа време Мајорка губела 0:3 и немала никакви шанси да се врати.

Ето не успеал да го одбрани пеналот и мечот завршил 4:0 за Атлетик Билбао кој славел со по два гола на Исмаил Урзаиз и Хозеба Ечеберија.

РОДРИГО ПАЛАСИО, ИНТЕР

Во 2012-та година на средба од 1/8 финале од италијанскиот Куп, Интер ја совлада Верона и тоа најмногу благодарение на аргентинскиот центарфор Родриго Паласио.

Тој во 80’ минута застана на голот наместо Лука Кастелаци и забележа две врвни одбрани со кои го сочува водството на Интер.

Првично Кастелаци требало да го смени Кристијан Киву но тренерот Андреа Страмачони им предложил на Рики Алварез или на Паласио. Чудно затоа што првиов е висок 190 см а вториов 175 см.

„Водевме 2:0 и ни беше комфорно но важно е што победивме. Неколку пати сум застанувал на гол за време на фудбал со другарите во младоста но сега за среќа се заврши за 15-ина минути“, раскажал поранешниот центарфор на Интер.

ПЕЛЕ, САНТОС

Бразилецот, еден од најголемите на сите времиња на дуел исто од Куп на Бразил го заменил голманот на Сантос Жилмар кој нешто му свикал навредливо на свој соиграч а судијата помислил дека е наменето за него па го исклучил голманот.

На гол застанал Пеле и до крајот ја сочувал мрежата. Тој имал обичај и после тренинг да брани и да ги учи голманските принципи и методи на одбрани со соиграчите.

Некогаш поранешни играчи на Сантос раскажувале дека екипата понекогаш одела без резервен голман зошто ако се појавела потреба, Пеле знаел да облече ракавици.

„Неверојатно бранеше на голот. Не преувеличувам, сите основни работи ги знаеше совршено“, рекол еднаш за Пеле како голман негов соиграч од Сантос, Лала.

Реваншот од полуфинале на Куп на Бразил во таа 1964-та станал еден од натпреварите на кои бранел Пеле. Тој претходно постигнал хет-трик а во 84’ минута на гол го заменил голманот Жилмар. Следниот ден познатиот лист Gazeta Esportiva излегла со наслов: „Пеле, супеѕвезда со топка во нозе и во раце“.

ФЕЛИПЕ МЕЛО, ГАЛАТАСАРАЈ

Во последна минута од натпревар од турската лига меѓу Елазигспор и Галатасарај во 2012-та, Фернандо Муслера (ден-денес прв голман на Галата) добил црвен картон за скривен пенал. Фатих Терим немал право на измени веќе па голман станал Фелипе Мело кој одбранил пенал и му донел победа на Галатасарај.

КОЗМИН МОЦИ

Можеби најлуд случај од сите на долгава листа беше оној со романскиот стопер од бугарски Лудогорец, Козмин Моци. Тој во квалификации за Лига на шампиони против романска Стеауа Букурешт одбрани два пенали во серијата после продолженија и го однесе бугарскиот претставник во групна фаза!

10 октомври 2023 - 11:35