Први голови за Радески и Несторовски, успешна проверка за Македонија

Најдобрите македонски фудбалери ја прекинаа серијата од три порази (Либан, Словенија, Бугарија), откако вечерва во австрискиот град Бад Ерлах го победија Азербејџан со 3:1 (2:0). Пандев стрелец и асистент.

Фудбалерите на кои Игор Ангеловски смета за почетокот на квалификациите за Мундијалот 2018 во Русија одиграа одлично прво полувреме против ривалот против кој сега имаме пет победи.
 
Во почетните 10 минути Црвено-жолтите тргнаа офанзивно, а првата шанса ја имаше Барди кој по центаршутот на Ристовски од десната страна биеше крај голот.
 
Осум минути подоцна Радески го отвори резултатот, на асистенција на Горан Пандев. Стрелецот Радески ја почна акцијата на срединаа на теренот и со „еден-два“ додавање со Пандев излезе сам пред противничкиот гол и лесно реализираше.
 
Првите проблеми за селекторот Ангеловски се појавија на средината на првиот дел кога Николов влезе наместо Барди кој заработи скршеница на носот.
 
Набрзо, во 30-та минута Македонија зголеми на 2:0 откако Пандев спретно искористи еден кикс на одбраната на Азербејџан, и во свој стил пласираше во левиот агол на противничкиот голман. На полувремето се замина со водство на Македонија од 2:0.
 
Стартот на вториот дел значеше постојана иницијатива на нашите играчи кои имаа сериозна прилика преку нововлезениот Пешевски (го замени Радески). Шанса за гол во сениорскиот дрес имаше и младиот Давид Бабунски но топата заврши милиметри покрај левата статива.
 
Азербејџан чијшто селектор е легендарниот Роберт Просинечки намали на 1:2 по пеналот кој го скриви Николов по играта со рака во казнениот простор.
 
Во финишот, новиот играч на Палермо и најдобриот фудбалер во хрватското првенство за сезоната 2015/2016, Илија Несторовски ги постави конечните 3:1 откако доби добра топка од Ѓорѓев по левата страна.
 
Свое деби во репрезентацијата денес имаа младите Никола Ѓорѓев од Грасхоперс, Дејан Пешевски и Бесир Демири од Шкендија. Македонија во среда игра уште една пријателска, против Иран во Скопје на Филип Втори.