„Исклучително ми е драго што иницијативава нè собра во голем број, сигурен сум дека ќе бидеме уште повеќе, но не сакавме да малтретираме некого само за да присуствува. Да се пласиравме на ЕП во Франција годинава, немаше да ни текне за ова да разговараме. Ќе седевме овде, ќе уживавме, ќе чекавме натпревари да гледаме. На сите им е јасно зошто сме тука. Не водиме никаква антикампања против ФФМ, и таму има многу квалитетни луѓе, ќе има место за нив и во некоја идна гарнитура која би дошла на власт во федерацијата“, го отвори денес говорот Панчев во хотелот Александар Палас во Скопје.
„Некој од вас мислеше дека сето ова ќе биде многу поинтензивно, но ние мислиме дека треба полека да се работи. Можеби има некои луѓе од Иницијативниот одбор кои некому не се допаѓаат, можеби и јас некому не се допаѓам, но тука сме поради фактичката ситуација во фудаблот. А таа е ужасно лоша и е главна причина за собиров, продолжи Панчев во излагањето. Состојбите во нашиот фудбал за жал се ужасни и мораше да се направи нешто за позитивни промени. Ако сме денеска на 140. позиција на ранг листа, ако два пати по ред завршуваме циклус квалификации како шести, тогаш е јасно дека нешто мора да се менува.“
Има ли Одборот веќе изготвено програма на работа, некаков план на работа?
„Апсолутно веќе имаме нешто напишано преку соопштенија, некои работи нема да ги кажуваме затоа што се дел од нашиот план да се направи ревитализација на федерацијата и општо на целиот наш фудбал, така што мислам и убеден сум дека ќе работиме позитивно. Како на нас, така и на вас медиумите ќе ви биде подруго да пишувате за успеси, за победи отколку тоа што го работите сега. А вие вадите добро од најлошото, тоа е многу тешко и тоа е причината зошто и кај медиумите има голем одзив“.
Какви активности може да очекуваме во блиска иднина?
„Нема да брзаме, не форсираме. Има одредена група на луѓе на ИО кои имаат комуникација со УЕФА, со ФИФА и укажува на одредени нелогичности и неправилности кои се прават во федерацијата".
Дали ФФМ има слух за вас како Обединети за фудбалот?
„Пред малку кажав, да се пласиравме на ЕП или да бевме барем во бараж, немаше да има никаков проблем. Не знам зошто кога кошаркарите беа 4-ти на ЕП, сите честитавме, меѓутоа кога состојбата е ваква, се надевам дека ќе промениме нешто", констатираше Панчев.