Во пасошот неговото име е запишано како Јаник Фереира Караско, но тој го тргнал своето прво презиме откако татко му Португалец го напуштил семејството и ја оставил мајка му со две деца - Јаник и помалиот брат Мајлан.
Неговата мајка, Кармен, родена во Севиља отсекогаш била најголемиот навивач на малиот Јаник.
„Таа е многу важен дел од мене, и должам се што имам. Веруваше во мене кога играв во Генк и ме поддржа кога се откажав од студирање и се концентрирав на фудбалот“, се сеќава белгискиот репрезентативец.
Караско многу сакал да игра со топката уште во раното детство и низ домот цел ден бил со омилената играчка. До 11 години тој ги усовршувал вештините во Вилворт, маало на периферијата на Брисел населено претежно од имигранти.
Откако го забележале скаутите на Генк, го викнале да дојде во нивната младинска школа. На малиот Караско кој се дружел со другари од разни националности и вери не му требало многу да стигне до првиот тим.
Во сезоната 2009/2010 Караско станал еден од најдобрите млади фудбалери во белгиското првенство и го привлекол вниманието на скаутите на Монако. По само неколку месеци, Јаник ја започна новата сезона во нов клуб. Во 2012. година Белгиецот дебитирал за првиот тим на Монако а до крајот на сезоната му помогнал на тимот да се врати во првата лига.
Пред стартот на новата сезона во Лига 1, сопственикот на Монако, рускиот магнат Дмитриј Риболовлев бил настроен да ја освои титулата и жалел пари на нови засилувања. Црвено-белиот дрес тогаш го облекоа Радамел Фалкао, Хамес Родригез, Жереми Тулалан, Ерик Абидал и Жоао Мутињо.
На Јаник му било тешко да фати место во првиот состав во таква конкуренција, после некое време ја обновил повредата на стопалото и тој отсуствувал од теренот цели два месеци.
Во пресрет на сезоната 2014/2015 Хамес беше продаден во Реал, Фалкао замина на позајмица во Англија а нов главен тренер стана Португалецот Леонардо Жардим. Под негово водство, Монако заигра во систем 4-3-3 со напаѓачкото трио Бернардо Силва, Антони Марсиал и Јаник Караско.
Довчерашниот француски второлигаш беше најголемото изненадување таа сезона и стигна до четвртфиналето на Лигата на шампионите, откако во осминафинале го елиминираше Арсенал. Еден од головите во мрежата на „Топџиите“ го постигна Караско кој ја заврши сезоната со 6 гола и 9 асистенции со што беше трет најдобар асистент во Ла Лига.
„Никогаш не сум видел фудбалер посамоуверен во своите способности од него“, изјави поранешниот директор на младинската школа на Монако, Фредерик Бариларо.
Антропометриските податоци на Јаник се многу поразлични од карактеристиките на крилата. За разлика од многу крилни фудбалери, тој е висок 180см и има извонредна физичка моќ, а притоа е одличен техничар. Иако со таква висина контролата на топката е многу посложена, Јаник често има непредвидливи потези и секогаш оди директно кон голот. Понекогаш знае да биде себичен, но совршено добро се прилагодува на секоја позиција во нападот.
Јаник делува во целата напаѓачка ширина, лесно создава простор за своите соиграчи и го користи својот уникатен дриблинг. Белгискиот репрезентативец изјави дека најпријатно му е кога игра на десната страна.
Кога разбрал за понудата од Атлетико Мадрид не размислувал многу. „Куртоа и Фалкао ми раскажуваа се најдобро за Атлетико. Тоа е голем клуб кој стана уште поголем со доаѓањето на господинот Симеоне. За мене тоа беше лесна одлука, затоа што отсекогаш сакав да играм во Шпанија“, изјавил тогаш Караско.
Минатата сезона Белгиецот немаше којзнае какви настапи, одвреме навреме беше на клупата, а врвот го достигна во финалето на Лигата на шампионите кога даде ефектен гол против Реал Мадрид и го прослави со бакнеж со девојка му - белгискиот модел Ноеми Хепарт.
Сезонава Јаник е неизоставен дел од првите 11 на Чоло и како одговор на довербата на Симеоне игра одличен фудбал. Победничките голови против Баерн и Ростов (ја продолжи серијата на Атлетико од 26 меча без пораз на домашен терен), а во меѓувреме демонстрираше страшна форма против Гранада (хет-трик и две асистенции).
Неодамна Караско го продолжи договорот со Атлетико Мадрид и со сигурност може да се каже дека е достоен кандидат за улогата на нов лидер на тимот.