По завршувањето на Мундијалот во Бразил, една од главните теми во земјата на самбата беше што ќе се прави со толку големи стадиони, а на крајот се испостави дека се градени само за големиот настан.
На 4 години пред следниот Мундијал, кој ќе се игра во Русија, министерот за спорт на Русија, Виталиј Мутко изјави како денес добил препорака од ФИФА да не се фрлаат многу пари во изградба на големи стадиони.
„Постоечкиот концепт е да се изградат и реновираат 12 стадиони во нашата земја. Сепак, по препораките од ФИФА, би можело заедно со нивната делегација која неделава доаѓа во Русија да направиме измени во организацискиот план“ - изјавил Мутко.
Првобитниот план на Русите беше тие да изградат и целосно да реновираат 16 стадиони, но откако видоа дека Бразил на гладно срце фрли 3,3 милијарди долари, јасно е дека ќе подразмислат пред да тргнат во изградба на мегаломански стадиони.
Во Бразил за овогодинешниот планетарен фудбалски собир се изградија 12 нови стадиони, а иако земјата има силна фудбалска лига, сепак трибините често стојат полу – празни.
За парадоксот да биде поголем, една од поголемите арени кои се изградија за СП беше и онаа во градот Манаус. „Амазонија Арената“ виде големи фудбалски ѕвезди летово, но ќе остане само на нив, затоа што во градот покрај џунгла нема професионален фудбалски клуб.
Стравот дека стадионите би можеле да станат бели слонови кои тешко се одржуваат а стојат како монументи, ја натера руската фудбалска влада да скрои нов план околу организацијата на големиот настан, предвиден за 2018.
Дополнителна забуна направија и сликите кои стигнаа од Грција. Имено, стадионите и базените на кои се играа Олимписките игри пред 10 години во Атина се во мизерна состојба, запуштени, одраснати со трева, оштетени и забаталени.