Во 10. коло од Серија А одиграно на 28 октомври, Сасуоло со голот на Сансоне од слободен удар го совлада Јувентус со 1:0 и тука заврши лошиот старт на актуелниот шампион на Италија кој имаше четири порази.
Тогаш прва на табела беше Рома со 23 бода, а Јуве имаше само 12 од можни 30 бодови. Од тогаш на мина им згазнаа Торино, Емполи, Милан, Палермо, Лацио, Фиорентина, Карпи, Верона, Сампдорија, Удинезе, Рома, Киево, Џенова, Фрозиноне и Наполи.
Ниту една екипа до сега во Серија А не успеала за 4 месеци од -11 да стигне до +1 во однос на лидерот на табелата. Со оваа победничка низа Јувентус од трката за титулата ги исфрли Милан, Рома, Интер и Фиорентина, а во битка со нив остана само Наполи кој во последните 15 кола загуби 10 бода во однос на Јуве кој им ја прекина серијата од 8 победи по ред.
„Многу сме смирени, недостасуваат уште 13 натпревари до крајот, во игра се 39 бода и сè уште ништо не е решено. Да, сега сме фаворити и сакаме да направиме фантастичен крај. Ќе биде штета ако пропадне сè“ вели Масимилијано Алегри.“
Во ерата на три бода за победа воведени во 1994/1995 никој не успеал да го освои Скудетото по негатива од 11 бода. Во 1998/1999 Милан беше на -7 од Лацио во 27 коло и на крај заврши со 70 бода, бод повеќе од Лацио. Токму следната година Лацијалите во 26 коло имаа 9 бода помалку од Јувентус и стигнаа до Скудетото исто така со еден бод разлика.
Во сезоната 2001/2002 повторно во главна улога беше Јуве кој во 14 коло беше на -7 од Интер. На крајот Интер заврши трет со 69 бода, Рома втора со 70, а Јувентус прв со 71 бод. Во ерата на два бода за победа негатива од 7 бода успеа да анулира Интер и тоа во битката со градскиот ривал Милан. Тоа се случило во сезоните 1964/1965 и 1970/1971.
Следните две кола ќе бидат важен испит за конкурентите за титулата. Јувентус и гостува на Болоња, а потоа го пречекува Интер. Наполи е домаќин на Милан, а потоа гостува во Фиренца. Помеѓу двете кола Јуве и Наполи имаат по еден натпревар во ЛШ и ЛЕ.