На овој начин првпат во историјата сите четири клуба во финалните дуели на еврокуповите ќе бидат од иста земја - Англија.
Досега во историјата само 2 пати во финале на европски куп се сретнале англиски екипи. Се сеќавате на епското финале на Лига на шампиони во Москва 2007/2008 кога играа Манчестер Јунајтед и Челси и кога Џон Тери се лизна и го промаши клучниот пенал. Во основно време голови дадоа Кристијано Роналдо и Лампард, а во продолженија црвен картон доби Дрогба откако со лакт го раскрвари Немања Видиќ.
Следуваа пенали кога Чех му го одбрани пеналот на Роналдо, а Џон Тери се лизна на влажниот тревник на „Лужники“ и промаши. Понатаму Ван дер Сар му одбрани пенал на Никола Анелка а Рајан Гигс му ја донесе европската титула на Јунајтед.
*****
Првиот англиски дуел во финале бил во Купот на УЕФА меѓу Тотенхем и Вулверхемптон. Тоа било прво издание на овој втор по големина турнир во Европа, во сезоната 1971/1972. Меѓу учесниците биле уште и Реал Мадрид, Јувентус, Спартак Москва и други. Тогаш финалето се играло со двомеч: првиот се играл на стадионот на Вулверхемптон. Победил Тотенхем со 2:1 (стрелец на двата гола бил Мартин Чиверс). Реваншот завршил 1:1 и така првиот Куп на УЕФА во историјата го освоил Тотенхем, предводен од Бил Николсон (легенда на клубот кој целата своја кариера играл само за Тотнем).
****
Цутот на англискиот фудбал во Европа траеше од 2005 до 2012. Во тој временски период во 7 од 8 финалиња во Лига на шампиони имаше макар еден претставник на англиската Премиер лига (исклучок е финалето 2010 каде играа Баерн и Интер).
А во сезоната 2007/2008 англиски клуб губеше само од англиски клуб. Арсенал изгуби од Ливерпул, Ливерпул од Челси, а Челси од Манчестер Јунајтед. Во следната сезона слично сценарио, само што Челси го совлада Ливерпул во четвртфинале, а Манчестер Јунајтед го победи Арсенал во полуфинале.
Потоа во сезоните 2012/2013 и 2014/2015 на англиските клубови им се случи потоп: ниту еден тим од Премиер лигата не стигна ниту до четвртфиналето на Лига на шампиони. Тогаш почна ерата на Меси и Кристијано кои дури пет пати по ред го креваа трофејот (или едниот или другиот со Реал и Барса).
Ливерпул стигна до финалето, Манчестер Сити на Пелегрини и Челси на Мурињо во полуфиналето, но секогаш и секаде губеа од шпанските клубови: Реал, Барселона или Атлетико.
Од сезоната 2014/2015 победникот на Лиа Европа автоматски обезбедува пласман во Лига на шампиони. Во Англија Манчестер Сити и Тотенхем ја разбија теоријата за големата четворка. Место за Лига на шампиони е се потешко да се обезбеди преку Премиер, па клубовите засилено бараат пат преку Лига Европа. Во 3 од последните 4 финалиња на Лига Европа, клубови од Премиер лига стигнуваа минимум до финале.
Во 2016 година Ливерпул изгуби во финалето од Севиља, а после една година Манчестер Јунајтед го совлада Ајакс. Сега не чека историско англиско финале во ЛЕ меѓу Челси и Арсенал. Тоа е 10-ти пат во Лига Европа/Куп УЕФА да има финале со два клуба од иста земја и првпат со екипи од ист град.