Незапаметен меч на играч на Ривер: даде двоен хет-трик и влезе во историја

Тотално невозможен натпревар одигра аргентинскиот центарфор Хулијан Алварез, големата ѕвезда на Ривер Плејт кој убедливо со 8:1 ја згроми Алијанца Лима во последното коло од групната фаза на Копа Либертадорес.

На 121. роденден на гигантот од Буенос Аирес, Хулиан Алварез постигна дури шест гола! Тој од неодамна потпиша договор со Манчестер Сити и стана вториот најскап трансфер во историјата на аргентинскиот клуб.

А сега може да се пофали и со уште еден историски податок со кој влегува во вечноста.

Алварез важи за најдобриот аргентински шпиц во моментов и наскоро би требал своите квалитети да ги докаже и во дресот на премиерлигашкиот шампион.

Тој стана првиот играч во историјата на Ривер и само втор во целата историја на Копа Либертадорес кој успеал да постигне шест гола (претходно Хуан Карлос Санчез во далечната 1985. година како играч на Блуминг од Боливија успеал во тоа).

На крајот од мечот, како налага традицијата, тој наместо една топка која се зема за постигнат хет-трик, зема две, за шесте гола.

„На Хулиан му е тешко да остане, зошто има тим кој направи огромна инвестиција. Манчестер Сити има дијамант во рацете. Ние сме земја која извезува играчи. Многу фудбалери отидоа во последно време а ние пробуваме да преживееме. Нема да биде лесно да се замени, нема да може да најдеме друг Хулиан. Ќе го игра првото коло од нокаут фазата и после ќе оди на новата дестинација“, изјави трофејниот тренер на Ривер и легендарен фудбалер Марсело Гаљардо после мечот.

Ривер Плејт како прв од својата група оди во следна фаза на Копа Либертадорес. 

Интересно, Гаљардо искористи момент и да го замоли Пеп Гвардиола за својот омилен играч:

„Дали смеам да го прашам Гвардиола да ни го остави на уште шест месеци? Ако сакаат да го остават до крајот на годината, нема да имаме проблем со напаѓачи и ќе бидеме благодарни. Ќе спремиме притоа фудбалер кој ќе е спремен на исчекор, а можеме и да му дадеме повеќе простор. Тој (Пеп Гвардиола) нема да го послуша моето барање, ама би му биле благодарни ако ни го остави до крајот на годинава“, апелираше Гаљардо, свесен дека нема шанса тоа да се случи.

Манчестер Сити за Алварез пред пар месеци даде 23 милиони евра (17 милиони + бонуси). Во меѓувреме Сити потпиша договор и со најдобриот млад фудбалер во Европа, расниот стрелец Ерлинг Халанд. И двајцата се родени во 2000-та.

26 мај 2022 - 09:39