Неуништлив

Неговата ѕвезда е побледа, но нема да згасне кога ќе ги закачи копачките на клинец. Пандев е на некој начин како тврдината на Царевите кули што ја надгледуваат неговата Струмица, неуништлив доказ за долговечноста и прилагодувањето во разни околности.

Таму некаде од другата страна на поранешната држава, на тромеѓето меѓу Македонија, Грција и Бугарија лежи Струмица, град на истоимената река со од прилика 30.000 жители. Него и во целата струмичка долина ги надгледува Цареви Кули, тврдина која е денес во контурите на својата поранешна форма, но сепак и понатаму стои како сведок на богатата и непрекината историја на животот во таа област.

Својот конечен облик тврдината го добила во петтиот век, но населувањето на оваа локација започна со неолитот, а во записите на римскиот историчар Тит Ливиј за прв пат е забележано античкото име Астраион за населба чии Цареви Кули денес се единствените остатоци. Астраион е античка грчка верзија на името, што би значела „ѕвезден“. И таа ѕвезда непрекинато сјае илјадници години, спротивставувајќи се на нападите и падовите на цивилизациите што доаѓале и заминувале овде.

Горан Пандев како дете веројатно безброј пати го погледнал патот до таа тврдина, се додека и самиот не стана вистинска струмичка ѕвезда која упорно се спротивставува на забот на времето.

Пред два месеци влезе во 38-та година од животот, а минатиот викенд во дресот на Џенова на отворањето на новата сезона во Серија А против Кротоне, ја продолжи неверојатната низа со давање голови од 17 сезони поминати во италијанската елита.

Тоа патување започна во 2001-ва кога со матичниот клуб Беласица како 18 годишник замина во Интер. Ќе помине една година пред да заигра за првиот тим, а од првата преселба ќе ја памети позајмицата во Анкона за која во 2003-та го постигна првиот гол во Серија А.

Во меѓувреме стана дел од договорот со кој Дејан Станковиќ направи трансфер од Лацио во Интер. Пандев стана играч на Лацио во зделка во која Интер задржа дел од сопственоста над него за минимален износ од само 500 евра.

Лацио го остави во Анкона до крајот на таа сезона, инаку една од најлошите сезони во Серија А. Тимот со него, но и со Мики Рапаиќ како соиграч освои само 13 бодови и постигна 21 гол.

ПАНДЕВ СЕГА НАВИСТИНА СТАНА ОНА ШТО ОД СЕКОГАШ СЕ ЧИНЕШЕ ДЕКА Е: ВЕТЕРАН ЛИДЕР

Серија А отсекогаш била негова ветена земја, а тоа се виде веднаш штом пристигна во Рим, особено кога Делио Роси го стави со Томазо Роки во напад. Пандев веќе тогаш на тие млади години делуваше како сам на себе да е татко, со оние груби црти на лицето и залисци со кои како да води некој нередовен живот.

Периодот на адаптација во Анкона беше само пулс, а кога дојде од тим на дното во турбулентен, но и понатаму конкурентен Лацио и со нив стигна до освојување на купот и настап во Лига на шампиони, се виде дека се работи за искален играч, а не некакво муле од Струмица.

И ПРВА ВИОЛИНА И РАБОТНИК ВО ПОЗАДИНА

Во Италија не мораше да се грижи за маркетиншкиот потенцијал, кој во другите елитни лиги веќе стана сериозна точка. Пандев никогаш и не беше познат по тоа што бил голгетерски безмилосен. До денес најефикасна сезона во тој сегмент му е баш таа 2008-ма во Лацио кога постигна 14 голови на 32 меча и тој двоцифрен број ќе го повтори во Рим уште три пати со постигнување на важни и атрактивни голови.

И не е ни чудно што со текот на времето стана специјалист за Куп на Италија кој го освои пет пати со три различни клубови, постигнувајќи 24 гола на 55 настапи. Пандев беше сјаен рутинер, оној кој се појавува во прави моменти, дури и против Реал Мадрид или омилениот негов муштерија Јувентус.

Но најголема предност му е што точно знаеше како да ги избалансира сопствените потреби со потребите на тимот. Во Италија создаде исто толку непријатели колку и пријатели, особено кога во 2009-та со Лацио и претседателот Клаудио Лотито влезе во отворена војна која заврши со судски процес и казна од четири месеци индивидуално тренирање.

Знаеше точно дека тоа му е можност за исчекор, а тој чекор напред му беше враќање во Интер. Имаше првични турбуленции, особено со Рафаел Бенитез, но исто така немаше никаков проблем да му се потчини на Жозе Мурињо и неговите желби, сведени на „Се согласив, ќе бидам што сакаш на терен“.

„Тој е тип на тренер кој ти помага, те советува и те брани до смрт. Но само ако му дадеш сè“, рече Пандев за Мурињо.

Него не му беше проблем да се повлече во втор план за да го извлече најдоброто од оние кои Мурињо ги посочи како главни дистрибутери на голови – Ето, Милито, па дури и Балотели. Пандев го изведе целиот циркуз со Лацио, затоа што знаеше дека не може да освои трофеи во Рим, па замина во МиланО, се стави во нивна служба и доби взаемна корист.

Во сезоната кога ја освои славната тројна круна, Пандев постигна само три гола, но еден од нив беше спектакуларен од слободен удар во дербито во кое славеше Интер. Тоа беше неговиот најголем квалитет, што истовремено како дел од Лацио или во македонската репрезентација, каде е рекордер, може да биде прва виолина и лидер на терен, но и работник од позадина, кој ќе работи за оние кои тренерот ги назначува во “неговата“ идеална улога.

Неговиот последен потег во дресот на Интер на крајот се покажа како асистенција за Милито во финалето на купот против Палермо, со што ја заокружи својата мисија. Кога потпиша за Наполи, неговиот агент Карло Палавичино рече:

„Горан знае како да покрие три различни улоги и затоа може да биде замена за сите тројца тенори од нападот на небесно сините“

Тој зборува за времето кога во Наполи во напад царуваше триото Хамшик, Лавеци и Кавани. Прво асистираше за победа против Јувентус во уште едно финале во Купот, она во Рим 2012 кога го подигна трофејот петти пат во ред во кариерата.

ВО СПАСУВАЧКА МИСИЈА

Сега со полни 37 на грб, повторно е во улога на генерал. Тој можеше да освојува со италијанските великани и по неуспешното одвојување од земјата во која стана играч, кога се обиде со Галатасарај, а сега стана она што секогаш се чинеше дека е: водач ветеран, но во макотрпна борба за спас. Џенова го ангажираше поради искуството, но и како пример за помладите за тоа колку е важно да се градите преку тимот.

Се појавија и приказни дека Интер го посакува по трет пат, но би било неверојатна приказна и за на среќа на Џенова, Горан не гледа назад, а неговата мисија е јасна.

„Тоа беше романтичен флеш бек од Интер, но Џенова требаше да биде спасена. Горан е поврзан со боите на клубот и никогаш не би заминал“, изјави Палавичино.

Минатата сезона постигна 9 гола, што му беше најдобра сезона после онаа во Рим 2008-ма и со тоа му се оствари уште еден план во богатата кариера, а тоа е опстанок за Џенова, што е повредно за навивачите на Џенова од освојување на ЛШ.

Неговата ѕвезда е побледа, но нема да згасне кога ќе ги закачи копачките на клинец. Пандев е на некој начин како тврдината на Царевите кули што ја надгледуваат неговата Струмица, начнат, малку и грубо изгребан од забот на времето, но на крајот неуништлив доказ за долговечноста и прилагодувањето во разни околности.

Тој сигурно ќе го одржи понатамошниот тек на фудбалскиот живот во Струмица преку својата Академија Пандев, денес прволигашки клуб кој го основа во неговиот роден град во 2010-та и кој го носи неговото име.

Можеби е малку декадентно и нарцисоидно да се крсти фудбалски клуб по себе, но во неговиот случај тоа е доказ дека тој звезден статус му го предава на својот звездан град.

Виа

28 септември 2020 - 15:30